Струшки волонтери ги чистеа плажите на Охридското езеро кај Струга

 Струшки волонтери ги чистеа плажите на Охридското езеро кај Струга

Десеттина волонтери неодамна го чистеа брегот на Охридското езеро кај Струга. Велат идејата беше да се подигне граѓанската свест за почиста Струга, но и да се исчисти најдубавиот дел од езерското крајбрежје. СТРУГА — 

Иако беше викенд и време за одмор, после напорната работна недела, десеттина волонтери, се собраа за да исчистат дел од насобраниот смет покрај брегот на Охридското езеро во Струга. Зборното место им беше градскиот парк во Струга.

„Денеска сме овде за да покажеме еден гест, на кревање на јавната свест кај граѓаните, да ја чуваме нашата природа, нашата Струга, парковите, јавните површини“, изјави Ндерим Положани, претседател на планинарски спортски клуб Капс од Струга.

„Ние сакаме еколошки град. Почист град. Сакаме град каде нашите деца ќе можат да играат, да се дружат“, рече Бетим Ибраими, граѓански активист.

Посебни услови за учество во оваа акција немаше. Беше потребна само добра волја и желба да се придонесе кон почиста животна средина. Вреќите со собраниот отпад на крајот од акцијата го депонираа на специјални места за тоа.

Ние сме овде да им кажеме на сите дека треба да го чуваме нашето место, бидејќи ова е потребно за нас да имаме поздрав живот“, рече Греса Клења, учесник во акцијата.

„Најчесто се фрла храна, пластични шишиња, најлони, кои се многу штетни. Ова е да се освести народот дека Струга може да биде уште почиста и бараме од луѓето да не фрлаат отпадоци на било кое место“, Тасим Муса, претседател на велосипедскиот клуб “Struga eagles”.

Иницијаторите на оваа акција планираат ова да стане традиција. Но сакаат да ги поттикнат и градските власти да им се приклучат во следните нивни активности.

„Се надеваме дека локалната самоуправа ќе направи нешто. Ова што ние го правиме е само граѓанска иницијатива. И тоа е се“, вели Бетим Ибраими, граѓански активист.

Иако е туристички град, Струга се соочува се сериозни еколошки проблеми. На повеќе локации можат да се видат мал број на мини депонии, со отпадоци од апарати и мебел за домаќинствата до градежен шут.

И нуркачите од Нуркачкиот центар Амфора од Охрид, преку таканаречената „Подводна еко патрола”, неодамна ги детектираа црните точки, од каде доаѓа најмногу отпад во Охридското езеро. Тоа се четири реки, за каде велат дека состојбата е алармантна. Утврдиле големи количини на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека. Изработиле и карта со загадени зони, а до надлежните предложиле и две решенија за справување со овој проблем. Поставување на мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите и таканаречениот кит за чистење реки.

извор:VOA

x