Стружанецот Борова со благородна мисија за изградба на центар за деца со посебни потреби во Струга

 Стружанецот Борова со благородна мисија за изградба на центар за деца со посебни потреби во Струга

Немаме некои институции или центри каде се одржуваат и негуваат деца со посебни потреби. И, тоа што го нема, ние може сами да го изградиме 

Стружанецот Ергин Борова кој 27 години живее во Холандија, летово дојде во родниот крај за да преплива 13 километри во Охридското Eзеро од Охрид до Струга, со една единствена мисија да ја пренесе неговата идеја за изградба на центар за деца со посебни потреби во Струга. Оваа благородна иницијативавдолго време била присутна во него.

„Ние имаме внуче во фамилијата и неговите родители максимално го одржуваат. Но, внучето има многу посебни потреби и гледам дека нивните можности да се адресираат до некоја институција се многу лимитирани во Северна Македонија. Со други зборови, ние немаме некои институции или центри каде се одржуваат и негуваат деца со посебни потреби. И, тоа што го нема, ние може сами да го изградиме“, вели Борова.

Тој вели дека година и половина се подготвувал за овој негов подвиг. Веќе се обезбедени15 илјади евра, а од општина Струга било ветено дека ќе обезбедат локација за изградба на центарот кој ќе има двојна намена.

„Ќе можат да дојдат за дневен и за перманентен престој. Деца за дневен престој ќе дојдат за образование. Во перманентниот престој ќе живеат групно 4-6 деца, кои имаат слични или различни, но сепак посебни потреби и кои се потешки случаи и кои родителите не се веќе во состојба да ги одржуваат нивните деца“.

Борова се надева дека за многу бргу ова ќе ги промени животитите на многу дечиња и нивните семејства.

Од другата страна на езерото во Охрид, десеттина дечиња со атипчен развој, ова лето за прв пат се запознаваа со тајните на пливањето, преку специјално прилагодени часови за нив. Истите се спроведуваат напоредно со редовната школа за пливање.

„Имаме индивидуализиран пристап во зависност од дечињата, за сите различно во зависност од нивните афинитетити и физички предиспозиции“, вели тренерот по пливање, Миле Јованоски.

За, тренерот Јованоски, работата со овие деца е професионален предизвик и за него.

„За сите нас ова е нешто ново. Влегуваме во некој условно непознат свет. Но за сега добро се снаоѓаме и пливаме во него“, додава тој.

Пливањето позитивно влијае врз психомоторниот развој на децата, велат дефектолозите.

„Ја подобрува координацијата на движење на горни и долни екстремитети, го подобрува развојот и зацврстувањето на мускулатурата. Во суштина ја вклучува работата на двете хемисфери во мозокот, каде детето може да напредува и да се развива, а со тоа да ги развива и когнитивните функции“, вели дефектологот од здружението “Во мојот свет”, Ангела Чингоска.

Оние кои најмногу би напредувале, планираат да ги вклучат во редовната школа.

Во проектот „Пливаме во сино“, се вклучени пливачкиот клуб Акваспирит и здружението „Во мојот свет“.

>
>