Стружани болни од ковид-19 кои се странски осигуреници се носат на лечење во Швајцарија во специјални капсули

 Стружани болни од ковид-19 кои се странски осигуреници се носат на лечење во Швајцарија во специјални капсули

Со транспортни инкубатори покриени со посебна фолија, болни од ковид-19 од болницата во Струга преку осигурителни компании се носат на лечење во странство оти таму долги години работеле пред да се заразат. Биле осигурани, па нивните семејства се решиле да ги префрлат на лекување во земјата каде има далеку подобри услови. Осигурителната полиса им покрива транспортни и трошоци за лечење.

Најчесто тоа се печалбари од струшките села. Транспортот е според сите протоколи за заштита. Пациентот пред да го сместат во авион се пакува во специјална капсула скафандер, која ја обложува самата носилка, а е приклучена на кислород и инфузија.

„Осигурителна швајцарска компанија и компанијата која го врши транспортот нè комуницираат за да се утврди терминот за транспорт. Ние го носиме пациентот со наша екипа до аеродром, а нивна екипа доаѓа со авион и си го преземаат пациентот. Досега има шест пациенти кои ги имаме испратено таму. Тоа се претежно пензионери“, вели директорот на Струшката болница Мухамед Асани.

Последниот ваков случај е 68-годишен пациент од струшкото село Радолишта, кој претходно неколку дена бил хоспитализиран во Струшката болница. Состојбата не му била критична, но неговото семејство решило да го испрати на лекување во Швајцарија. Сопругата, пак, не успеала да се избори со болеста и починала во болницата во Струга.

„Причините поради кои се одлучуваат да ги земаат пациентите кои лежат во нашиот оддел најчесто се поради тоа што нивните семејства се таму, но и поради условите кои таму секако се побезбедни. Последниот ваков случај беше викендов. Се транспортираше пациент во Швајцарија. Комуницираме со фамилиите на овие пациенти и засега сите се добро“, вели Асани.

Во Струшката болница моментално има 12 позитивни на ковид-19, 4 сомнителни и двајца излечени. Извор: SDK.MK