Стружанката Викторија Попоска е победник на конкурсот за млад уметник, ќе има своја изложба во Скопје

 Стружанката Викторија Попоска е победник на конкурсот за млад уметник, ќе има своја изложба во Скопје

„СЕНИШТА“ е наслов на изложбата на Викторија Попоска, еден од двајцата победници на Конкурсот за млад уметник кој оваа година премиерно го објави Националната галерија на Република Северна Македонија. На конкурсот аплицираа 23 кандидати, а меѓународната комисија, во состав: проф. Миодраг Шуваковиќ, Арта Буњаку Агани и Роман Урањек одбраа два проекта на млади уметници од кои едниот победник е уметницата Попоска. Изложбата ќе биде поставена во Мултимедијалниот центар Мала станица од 10 декември 2020 до 10 јануари 2021 година.

Викторија Попоска е млад уметник, родена 1992 год. во Струга, Република Северна Македонија. Дипломирала на осекот за применето сликарство со конзервација и реставрација на ФЛУ каде ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар во 2015 година, по што следи реализирање на нејзината прва самостојна изложба под наслов „Запознавање“ во Музеј на град Скопје во 2016 година. Истата година ќе учествува на “Paratissima“ каде ја добива специјалната награда “Ponte di pietra“ по што следи нејзино учество на “Paratissima-to the stars“ во Торино, Италија. Во Струга, својот роден град, во 2017 год. свое самостојно претставување ќе има во галеријата „Коџоман“, а понатаму следат учества на повеќе групни изложби, перформанси, колонии.

Самата изложба „СЕНИШТА“ претставува дел од еден цел проект кој се однесува на сé поактуелната светска стратегија за зачувувањето на планетата Земја. Како уметница, а воедно и активистка, своето живеење го насочува сé повеќе кон наједноставниот начин, со враќање кон природата, отфрлувајќи ги актуелните, современи, „trendy“ производи после чија употреба останува огромно количество на неразградлива амбалажа. Согласно нејзината животна филозофија, таа и своето творештво го насочува кон подигнување на свеста, користејќи го отпадот. Создавањето на делата на Попоска претставува своевиден процес со свој почеток и крај. Градењето на скулптурите, објектите за неа претставуваат вистински ритуал, започнувајќи со собирање, селектирање, миење на отпадот, потоа негово вообличување во дело и на крајот (по завршувањето на изложбата) дислоцирање во депонија.

>
>