• 21/09/2020

Судската администрација излезе на протест

 Судската администрација излезе на протест
loading...
Advertisement

Незадоволни од одлуките на судскиот Буџетски совет околу додатоците за плата за спетември и октомври, членови на синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација, утрово, одржаа мирен протест пред зградата на охридскиот Основен суд.

Судските службеници, судската полиција и помошно техничкиот персонал се незадоволни од односот на судскиот Буџетски совет кој, како што истакнаа, на разни начини опструира, со цел да не ги врати парите од штрајкот на дел од вработените, а кои пари дополнително ги обезбедила владата во преговори со синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација.

Апелираме до судскиот Буџетски совет да го прекине дискриминирачкиот и игнорантски однос кон судската служба со донесување на одлуки според кои пари за судиите секогаш има, а за судската служба нема. Да прекине со создавање раздор, незадоволство и револт со ваквите одлуки меѓу вработените. Бараме итно да им бидат исплатени парите на нашите колеги од судската полиција, помошно техничкиот персонал, на пензионираните и останатите кои по друг основ не се повеќе вработени. Апелираме судскиот Буџетски совет да ја разбуди својата свест и да ја види реалноста. Непочитување закони и прописи кога се во прашање вашите интереси, а кога сме во прашање сите ние вработените, судските службеници, судската полиција и помошно техничкиот персонал, или нема пари или секое решение кое оди во наша корист, за вас е незаконско, рече на протестот Сема Али Куртис.Таа додаде дека судството не е само за судиите, туку дел од тој тим се сите вработени во судската служба кои заслужуваат еднаков третман.

Учесниците на протестот побараа од министерството за правда итно да пристапи кон измена на законите и да утврди поинаква позиција на судската служба независна од судскиот Буџетски совет и да се формира посебно тело кое ќе биде одговорно за вработените во судската служба, а во кое задолжително ќе има претставници од синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација.

Учесниците на протестот изјавија дека доколку нивните барања не се исполнат, протестите ќе продолжат.

Т.К.

Извор:OhridNews