Светска банка: Следната година македонската економија ќе се врати на ниво како пред пандемијата

 Светска банка: Следната година македонската економија ќе се врати на ниво како пред пандемијата

На почетокот на следната година се очекува закрепнување на македонската економија по историски најголемата рецесија од осамостојувањето и враќање на ниво како пред пандемијата. Проекциите на Светска банка се дека следната година растот ќе биде 3,5.

Најновиот извештај на Светска банка за Западен Балкан, што денеска беше презентиран, покажува дека јавниот долг во земјава достигнал 60 проценти од БДП и се очекува тој да продолжи да расте, но со побавно темпо во однос на минатата година затоа што економијата е на пат кон закрепнување.

Враќањето на патеката на одржливост ќе биде висок приоритет на земјата, а на среден рок изгледите на земјава се позитивни, велат од Светска банка, од каде напоменуваат дека се уште постојат негативните ризици бидејќи пандемијата е присутна и ќе остане подолго доколку не се забрза вакцинацијата.

Оценката на Светска банка е дека одговорот на Владата бил навремен и со владините мерки за поддршка на стопанството и граѓаните е ублажено влијанието од кризата, но се препорачува да продолжи поддршката која треба да биде понасочена кон оние сектори на кои им е најпотребна бидејќи државата не располага со неограничени финансиски ресурси, а од друга страна веќе е забележително закрепнувањето во одредени сектори.

– Треба да се биде претпазлив со цел да не дојде до ерозија на фискалниот простор. Има одредени неизвесности односно колку ќе трае пандемијата, а од друга страна треба да се одржи одредено ниво на правичност во распределбата на средствата. Треба да се најде баланс меѓу поддршката што се дава и внимателното следење на закрепнувањето на одредени дејности, како и истовременото управување со краткорочните влијанија на пандемијата, вели Сања Маџаревиќ од Светска банка, додавајќи дека во иднина треба да се направи и апликација на владиното трошење за да се поттикне растот.

Заздравувањето, според Светска банка, оди побавно отколку што се очекувало што најверојатно се должи на вториот и третиот бран од падемијата. Добро се одржале земјоделството и ИКТ секторот, а градежништвото е меѓу првите сектори каде е забележано заздравување во втората половина од годината. Стапката на невработеност опаднала, но не како резултат на новоотворени работни места, туку на зголемувањето на стапката на активност.

Во следниот период не се очекува продолжување на моменталниот ценовен притисок кој е забележителен кај прехранбените производи што е карактеристично и за земјите од Европа.

Како долгорочни политики на кои ќе треба да се насочи Владата ќе бидат градењето на силни институции, владеењето на правото, реформите во образованието, инвестициите во човечкиот капитал, дигитализацијата и зелената транзиција.

Извештајот на Светска банка за Западен Балкан покажува дека во овој регион во периодот на пандемија се изгубени околу 139 илјади работни места, а од 165 до 360 илјади луѓе живеат во сиромаштија. Најлошо рангирана или најпогодена од пандемијата е Црна Гора.

>
>