• 30/09/2020

СЗО: Ситуацијата во Европа е сè уште тешка

 СЗО: Ситуацијата во Европа е сè уште тешка
loading...
Advertisement

Ханс-Анри Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, вели дека ситуацијата со пандемијата од коронавирус ширум Европа е, како и претходните недели, тешка.

Три месеци откако СЗО прогласи вонредна здравствена состојба, кривата на која се гледа бројот на новозаразени во Западна Европа го достигна врвот, но расте како што гледаме на исток, рече тој на прес-конференција.

Вкупниот број нови случаи во Европа во последните седум дена е зголемен за 15 проценти и сега изнесува 1.408.266, а бројот на загинати во истиот период се зголеми за 18 проценти, на 129.344.

Учеството на Европа во вкупниот број случаи во светот е 46 проценти и 63 проценти во бројот на загинати, рече Клуге.

Шпанија, Италија, Велика Британија, Германија и Франција и натаму имаат најголем број на случаи, но сега е достигнат врвот, односно доаѓа до опаѓање на бројот на нови случаи, рече тој, истакнувајќи дека тој позитивен развој мора да продолжи да се следи.

Белорусија, Руската Федерација, Казахстан и Украина се во пораст во Источна Европа, а ситуацијата се стабилизира во Турција, рече тој, додавајќи дека „целиот обем на мерки“ со цел потиснување на преносот на коронавирусот треба да се одржи во тој дел на Стариот континент.

Статистиката покажува дека ситуацијата во регионот не е иста насекаде – од 44 држави во Европа кои воведоа целосно или делумно ограничување на движењето, во 21 земја овие мерки се ублажуваат на различен степен, при што уште 11 земји планираат да го сторат тоа во наредните денови.

Клуге повика на претпазливост, упорност и трпеливост во борбата против пандемијата и ја спомена подготвеноста да ги вратат мерките доколку е потребно.

Забележувајќи го повторното појавување на сипаници заради недостаток на имунизација, Клуге укажа на важноста на вакцинирање на децата против овие и други заразни болести, како што се заушки и рубеола.