
СЗО: Треба да се искористи времето купено со карантините
Земјите кои воведоа карантин и ограничувања за сузбивање на коронавирусот сега на тој начин добиеното време мора да го искористат за да го нападнат вирусот, соопштија лидерите на Светската здравствена организација (СЗО) и порачаа дека во борбата против ковид-19 мора да се почитуваат и човековите права.
„Барајќи од луѓето да останат во своите домови и забранувајќи движење на населението се купува време и се намалува притисокот врз здравствените системи. Но тие мерки сами по себе нема да ја отстранат епидемијата“, кажа Тедрос Адханом Гебрејесус, шефот на СЗО.
„Ги повикуваме сите земји да го искористат тоа време и да го нападнат вирусот“ и да го стават под надзор, кажа Гебрејесус на конференција за медиумите.
Земјите мора да го зголемат бројот и да ги обичат своите работници во здравството, да ги засилат тестирањата и да воведат системи за откривање на секој сомнителен случај, и да ги зголемат капацитетите за елкување и изолација, кажа Гебрејесус.
Тој потсети дека овој вирус е многу опасен и дека веќе ги однесе животите на над 16.000 луѓе во светот.
Оцени и дека требало да се реагира пред месец или два, но дека „таа прва прилика беше пропуштена“, но дека сега имаме втора шанса да ја сузбиеме заразата.
Ангажманот на италијанските власти во борбата против ковид-19 го оцени како „неверојатен“ и напомена дека на терен „се гледаат позитивни знаци“.
Лидерот на СЗО кажа дека ги сфаќа дилемите на земјите околу последиците на пандемјата по економијата но дека приоритетот мора да биде сопирањето на ковид-19.
Мајкл Рајан, главниот експерт на СЗО за вонредни ситуации, кажа дека организацијата е импресионирана од можностите кои технологијата ги нуди во борбата против вирусот, но дека мора да се штитат приватноста и човековите права.
Ова е првата пандемија во која во волкава мера можат да се користат информатичките технологии, социјалните мрежи и вештачката интелигенција, а на СЗО свои решенија ѝ нудат и мали и големи технолошки компании, па и 14-годишни информатичари, кажа Рајан.
„Постои големо количество иновации и ентузијазам. Мораме тоа да го претвориме во производи кои ќе им користат на оние на првата линија на фронтот“, истакна Рајан но додаде и дека е „клучно да се почитуваат принципите на заштита на податоците и човековите права“.