• 25/09/2020

ТАВ ги соопшти правилата и протоколите според кои ќе се лета од Охрид и Скопје

 ТАВ ги соопшти правилата и протоколите според кои ќе се лета од Охрид и Скопје
loading...
Advertisement

Согласно Одлуката на Владата донесена вчера, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид кои беа затворени во средината на март, од 1 јули 2020 година повторно ќе бидат отворени за патување, со нови правила согласно протоколите за заштита од ширење на COVID-19. информира ТАВ Македонија.

Во периодот по затворањето на скопскиот и охридскиот аеродром со одлуките на Владата, со цел да се запре ширењето на КОВИД-19 во земјава, интензивно се подготвувавме за повторно отворање на двата аеродроми. Ги следевме искуствата на другите аеродроми во светот со цел да видиме што тие спроведуваат и да ги искористиме најдобрите практики за да понудиме аеродромски услуги кои ќе овозможат соодветна хигиенска и здравствена заштита, со цел патниците, персоналот и партнерите да се чувствуваат безбедно. Притоа ги следевме препораките на Министерството за здравство, Светската здравствена организација (WHO), Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија (EASA), Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (IATA), сè со цел да преземеме соодветни мерки навреме. Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание – вели Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на агенти за безбедност на компанијата и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, кои ќе бидат поставени на самиот влез од аеродромската зграда.

По соодветната дезинфекција на обувките и рацете, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродроми, ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери кои ние како аеродромски оператор ги набавивме, со цел да спречиме влез на вирусот во аеродромските згради, при заминување од државата. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат. – објаснува Ерсој.

Како што велат од ТАВ Македонија, информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.

Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, на Заминувања (Departures), Пристигнувања (Arrivals) и кај Излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани. – објаснуваат од ТАВ Македонија.

Со цел патниците да се чувствуваат безбедно, ТАВ Македонија го интензивира чистењето и дезинфекцијата на сите површини на аеродромите, додека пак вентилацијата во терминалната зграда е исто така зголемена, со системот за климатизација кој користи F9 нано-хемиски филм-обложени филтри. Дополнително, низ целата терминална зграда на аеродромот поставени се диспанзери со средство за дезинфекција на рацете.

Уште од првиот случај на КОВИД-19 во земјата, почнавме зачестено да чистиме и дезинфицираме, поинтензивно од вообичаеното. Особено на местата на аеродромот каде што патниците најмногу се задржуваат, коишто се најмногу подложни на допирање. На пример шалтерите за регистрација, рачките од вратите и ескалаторите, екраните, држачите, копчињата за лифтови, пунктовите за саморегистрација и завиткување багаж, количките за багаж и сите други предмети идентификувани како најчесто допирани површини, се дезинфицираат 4 пати дневно. Пред реотворањето на аеродромот, сето ова го срочивме во наши нови интерни правила, коишто точно го пропишуваат начинот на дезинфекција и соодветните средства за таа намена. – објаснува Ерсој.

Со оглед на новите правила за патување наметнати од глобалната пандемија предизвикана од КОВИД-19, некои од аеродромските процедури ќе се одвиваат побавно, вели генералниот директор на ТАВ Македонија.

Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување. Истата е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.

Од ТАВ Македонија нагласуваат дека во делот на безбедносната проверка патниците ќе треба дисциплинирано да ги следат упатствата на агентите за безбедност, и таму, како и при сите процедури каде што се создаваат редици, потребно ќе биде да се држи пропишаното физичко растојание. Сите површини кои се во допир со патници на овој пункт исто така се дезинфицираат зачестено, додека пластичните корпи во кои патниците го ставаат багажот, ќе се дезинфицираат по употребата.

При Излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците пак ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места ТАВ Македонија има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.

Апелираме до патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред времето на полетување, затоа што најмалку 1 час пред времето на полетување тие веќе треба да бидат во бординг зоната, односно на Излезите (Gates). Со почитување на засилените санитарни мерки кои ги воведовме и одржување на физичко растојание, пред се од наша страна како аеродромски персонал, а потоа и од страна на патниците, заеднички ќе се заштитиме од коронавирусот. Здравјето е најважната работа за сите нас. Со нетрпение чекаме повторно да ги опслужиме нашите патници, да ги обединиме со нивните семејства и пријатели и да им овозможиме да откриваат нови дестинации. – вели Ерсој.

Во врска со распоредот на летање, којшто не зависи само од Одлуката на Владата за реотворање на аеродромот за патнички летови, туку и од одлуките на авиокомпаниите, како и земјите до чии дестинации се леташе од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, пред коронавирус-кризата, ТАВ Македонија ги упатува сите патници да ги следат веб-страниците на двата аеродроми, каде што ќе бидат објавени најновите распореди на летање.

Со оглед на тоа што информациите за летовите се менуваат многу брзо, а ние како аеродромски оператор ги ажурираме како што ги добиваме од страна на авиокомпаниите, апелираме до сите патници да ги следат нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/ каде што промените во распоредот на летање се ажурираат во реално време. – појаснуваат од ТАВ Македонија.

Меѓународниот Аеродром Скопје беше затворен за патнички летови од 19-ти март 2020, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид од 16-ти март 2020, со Одлуки на Владата, со цел спречување на влез и ширење на коронавирусот. Во изминатите 3,5 месеци, на аеродромот во главниот град имаше само хуманитарни, владини, санитарни, медицински и воени летови.

Како резултат на запрените операции, ависообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид кој во изминатите 10 години стабилно се развиваше и рушеше рекорди во бројот на превезени патници, во првите пет месеци од 2020 година доживеа сериозен удар. ТАВ Македонија од јануари до мај 2020 забележа 53% намалување на бројот на патници и 47% намалување на бројот на летови, во однос на истиот период од 2019 година, информира компанијата која оперира со аеродромите во Скопје и Охрид.