Ти си на ред! Излези, гласај! – Државната изборна комисија ја започна едукативната кампања за претстојните Локални избори 2021

 Ти си на ред! Излези, гласај! – Државната изборна комисија ја започна едукативната кампања за претстојните Локални избори 2021

Државната изборна комисија ја започна кампањата „Ти си на ред! Излези, гласај!“, во рамките на претстојните Локални избори 2021. Главните пораки на овогодинешната кампања се насочени кон едукација на гласачите за нивните гласачки права.

  • Овогодинешната кампања на Државната изборна комисија ќе вклучи и едукативен караван, кој ќе ги посети голем дел од градовите низ нашата држава. Караванот ќе започне од Тетово, па Охрид, Струга, Битола, Кавадарци, Струмица, Штип, Скопје, а ќе опфати и дел од другите општини. Караванот ќе се реализира во согласност со протоколите за заштита од КОВИД-19, велат од ДИК.

Во пресрет на караванот, на плоштадите во општините кои ќе бидат посетени, ќе бидат делени едукативни брошури и флаери на случајните минувачи за едукација за нивните гласачки права и точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место.

  • Оваа година, за прв пат се воведува и новиот начин на идентификација на гласачите, со употреба на уредот за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ), кој има за цел да го унапреди процесот преку дигитализација и автоматизирање на дел од постапката за гласање. Уредот за биометриска идентификација на гласачите ќе го чита отпечатокот од прстот на секој гласач и ќе бара совпаѓање со отпечаток на прст од електронскиот избирачки список со цел да потврди совпаѓање, додаваат од ДИК.

Државната изборна комисија преку овој караван, но и преку целата едукативна и информативна кампања што ја реализира, има за цел да упати апел кон сите гласачи, дека и овогодинешните избори ќе бидат фер, демократски, сигурни и безбедни.

>
>