Турција го повика Косово да не отвора амбасада во Ерусалим

Турција го повика Косово да не отвора амбасада во Ерусалим

Властите на Република Турција ги повикаа властите на Косово да се откажат од намерата за отворање амбасада во Ерусалим, бидејќи тоа го нарушува историскиот и правниот статус на Ерусалим и палестинското прашање, а може и да го загрози процесот на признавање на Косово од трети држави, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека од пораките на претседателот, премиерот, шефот на дипломатијата и други официјални лица е јасно дека Косово и Израел планираат меѓусебно признавање и дека Косово планира да отвори амбасада во окупираниот Ерусалим.

Во соопштението се наведува дека е разочарувачко тоа што Косово размислува за таков чекор, кој претставува грубо кршење на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации.

Потсетувајќи дека токму Турција беше меѓу првите земји што ја признаа независноста на Косово и дека го поддржала признавањето на Косово на меѓународната сцена, во соопштението од Анкара се наведува дека Турција смета дека таквиот процес не треба да продолжи со кршење на меѓународното право и маката на палестинскиот народ, чија земја е окупирана.

Бројни одлуки на Обединетите нации наведуваат дека решението за блискоисточната криза е можно само со воспоставување на независна палестинска држава со границите од 1967 година и со Источен Ерусалим како главен град.

„Ги повикуваме лидерите на Косово да ги почитуваат тие одлуки и да го избегнат чекорот што го нарушува правниот и историскиот статус на Ерусалим и кој би можел да биде идна пречка за признавање на Косово од страна на други земји“, се наведува во соопштението.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds