Турција од денес ги олеснува рестриктивните мерки, но останува полицискиот час

 Турција од денес ги олеснува рестриктивните мерки, но останува полицискиот час

Image of Istanbul with Suleymaniye Mosque during sunset.

Турција од денеска почнува со попуштање на рестриктивните мерки, па ќе биде дозволено движење во текот на денот, а полициски час ќе има во вечерните часови и за време на викендите – објави Министерството за внатрешни работи, пренесува новинската агенција Хина.

Претседателот, Реџеп Таип Ердоган во петокот изјави дека Турција целосно ќе излезе од затворањето кое беше воведено пред речиси три недели. Турските власти ги воведоа построгите мерки откако бројот на дневни случаи на новозаразени во април се зголеми на 60 илјади, што е една од највисоките стапки на светот, а бројот на починати достигнуваше и до речиси 400 на дневно ниво. До 1-ви јуни луѓето ќе мора да бидат дома во периодот меѓу 21 и 5 часот во работните денови и од петок навечер до понеделник наутро.

Сепак, соопштено е дека меѓуградските патувања ќе бидат дозволени надвор од работното време, додека рестораните и кафулињата ќе бидат ограничени на надворешни услуги. Трговските центри ќе бидат отворени за време на работните денови, додека спортските клубови и кино салите ќе останат затворени.

Иако Турција во текот на пандемијата воведе ограничувања за движењето и активностите на луѓето, Ердоган настојуваше да го одржи производството одржувајќи ги фабриките отворени.

Бројот на нови дневни случаи падна на 11 илјади, нагло во однос на минатиот месец, но и понатаму тоа е далеку од целта од 5000 новозаразени, која Ердоган ја постави на почетокот на затворањето.

Околу 10,8 милиони граѓани во Турција се целосно вакцинирани, што е 13 отсто од популацијата, а 14, 9 милиони ја добиле само првата доза.

Фото: Freepik

Извор: balkans.aljazeera.net

>
>