
Турција: Во „Аја Софија“ клањан бајрам-намаз по 86 години

Турција: Во „Аја Софија“ клањан бајрам-намаз по 86 години
Верниците мораа да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот меѓу кои се физичката дистанца, користењето заштитни маски, како и сопствени простирки за клањање (сеџаде)…
ИСТАНБУЛ (АА) – Во истанбулската џамија „Аја Софија“ се клањаше бајрам-намазот (молитва) за првпат по 86 години, јавува Агенција Анадолија (AA).
Верниците мораа да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот меѓу кои се физичката дистанца, користењето заштитни маски, како и сопствени простирки за клањање (сеџаде)…
Претходно, поради пандемијата на коронавирусот, во џамијата и нејзината околина беше исчистен и дезинфициран просторот во пресрет на Курбан бајрам, чие одбележување започна утрово со извршување на молитвата.
Од денот на отворањето на „Аја Софија“ за молитви, на 24 јули, редовно се спроведуваат активности за чистење и одржување, така што џамијата, во согласност со сите епидемиолошки мерки, беше подготвена за првата бајрамска молитва во последните 86 години.
По пладневната молитва во четвртокот беше извршена дезинфекција на внатрешниот и надворешниот простор на џамијата. Покрај тоа, извршена е и дезинфекција и на просторот меѓу „Аја Софија“ и џамијата „Султан Ахмед“ и беа направени подготовки за бајрамската молитва. По дезинфекцијата, ѕидовите и теписите во „Аја Софија“ беа испрскани со розова вода.
„Аја Софија“ како црква служеше 916 години, сè до освојувањето на Истанбул, додека статус на џамија имаше од 1453 до 1934 година, кога доби статус на музеј.
Турскиот суд на 10 јули годинава ја поништи одлуката на некогашната Влада на земјата со која на 24 ноември 1934 година на „Аја Софија“ ѝ е доделен статус на музеј. Со поништувањето на споменатата одлука на „Аја Софија“ ѝ е вратен статусот на џамија.
Како една од најпосетуваните туристички дестинации во градот на Босфорот, „Аја Софија“ од 1985 година е ставена на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
Турските власти најавија дека ќе продолжат да ги чуваат културните и историските вредности на „Аја Софија“, и тоа на начин што верските обреди во неа ќе бидат во надлежност на Управата за верски работи на Турција, а за реставрацијата, конзервацијата и заштитата ќе се грижи Министерството за култура и туризам.
Туристите и понатаму ќе можат да ја посетуваат „Аја Софија“, и тоа бесплатно, а фреските на ѕидовите ќе бидат покриени со завеси само за време на молитвите во џамијата.