Уапсени креаторите на „Јавна соба“: Ќе бидат гонети за детска порнографија!

 Уапсени креаторите на „Јавна соба“: Ќе бидат гонети за детска порнографија!

По наредба на надлежен јавен обвинител, полицијата вчера ги уапси креаторот и администраторот на контроверзната група „Јавна соба“ на апликацијата „Телеграм“, а од обвинителството веќе побараа изрекување на мерка притвор.

Како што појаснија од скопското обвинителство, креаторот и администраторот на групата на која се споделуваа порнографски содржини ќе бидат осомничени за кривичното дело Производство и дистрибуција на детска порнографија.

„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, соопштија од обвинителството.

Од обвинителството ги повикаа оштетените и жртвите на оваа или другите слични групи да пријавуваат во Министерството за внатрешни работи со цел да биде утврден идентитетот на сторителите.

Поради обемноста на материјалот споделуван во „Јавна соба“, со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и обезбедување на докази, од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека биле издадени 20 наредби и барања до МВР.

Од Јавното обвинителство исто така нагласија дека поддржуваат дополнување на Кривичниот законик со новите кривични дела „Демнење“ и „Секусално вознемирување“ кои треба да овозможат поефикасен прогон и поефективно казнување.

>
>