УНЕСКО: Пругата, автопатот, гасоводот и далноводот кон Албанија да се градат по една траса

 УНЕСКО: Пругата, автопатот, гасоводот и далноводот кон Албанија да се градат по една траса

Државните претпријатија во земјава меѓусебно да се координираат за важните инфраструктурни проекти што минуваат низ заштитеното подрачје во Охридско-струшкиот регион и да се истражи опцијата преку една траса (коридор) да минуваат пругата, автопатот, гасоводот и далноводот кон Албанија, бара УНЕСКО во изработениот Нацрт-извештај, во кој се наведува дека за Охрид и Охридското езеро се исполнети условите да бидат впишани на листата на светско природно и културно наследство во опасност, информира Мета.мк.

За разлика од минатата година, кога УНЕСКО во Извештајот го афирмираше предлогот на нивната реактивна мисија за изградба на тунел за пругата кон Албанија, меѓу Струга и Прењас, сега бараат државните претпријатија (Јавното претпријатие за државни патишта, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, МЕПСО и Национални енергетски ресурси) да меѓусебно да се координираат за трасите на капиталните инфраструктурни проекти.

Со тоа би се избегнала можноста пругата, автопатот, гасоводот и далноводот да минуваат по одделни траси, кои во иднина би довеле до загрозување на уникатниот биодиверзитет и пејсажот заштитен од УНЕСКО.

Инаку, МЕПСО уште пред една година го потпиша договорот за изградба на 400-киловолтниот интерконтективен далновод меѓу Битола и Елбасан, кој минува низ заштитениот Охридски регион. Еден чекор зад него е пругата Кичево-Лин, за која Владата минатата есен ја започна постапката за пронаоѓање на средства за нејзина изградба од меѓународните фондови. Пругата уште во септември 2020 беше поделена во две фази, при што првата фаза од Кичево до Струга ќе чини 426 милиони евра. Со ова, македонската влада отвори простор за усогласување со УНЕСКО за изведба на втората фаза од пругата, во делот од Струга до македонско-албанската граница.

Со готова проектна документација е и автопатот Требеништа-Струга, а допрва треба да се работи на проектната документација за делот од Струга до границата меѓу двете земји. За Коридорот 8 што минува низ Охридскиот регион, УНЕСКО во Нацрт-извештајот повторно дава конкретни препораки, иако видоизменети по содржина од минатата година.

„Разгледајте ја можноста да се комбинираат автопатот А2 и пругата во еден тунел, доколку не е возможна надградба на постојниот пат Ќафасан-Струга, да се искористи предноста од изградба на тунел за да се избегне минување на автопатот и пругата низ чувствителни подрачја на заштитениот регион“, се вели во Нацрт-извештајот на УНЕСКО.

Во документот се препорачува да се искористи времето за да се проверат можностите за комбинирање на автопатот, пругата, далноводот и гасоводот по единствен коридор, барем за делот на Струга од македонска страна на границата. Сепак, од содржината на Нацрт-извештајот, може да се согледа дека државните претпријатија од земјава не се премногу расположени да соработуваат со УНЕСКО на оваа тема.

Најдалеку со барањата, УНЕСКО оди во однос на пругата кон Албанија, која е предвидено да се трасира од Кичево преку Струга до Лин. УНЕСКО бара до нив да се достави сеопфатна компатаривна студија за алтернативните траси за железничката пруга од Коридорот 8, вклучувајќи ги оние што не минуваат крај Охридското езеро и особено не избраната постојна траса преку Радожда до Лин. Воедно, УНЕСКО бара да им се достави ажурираната проектна документација за пругата, како и детална мапа што ги вклучува трасите по кои би минувала пругата и сите можни патишта во Струшкиот регион.

Инаку, „Мета.мк“ лани пишуваше за експертските мислења и ставовите на државата во однос на дадените препораки на УНЕСКО за инфраструктурните објекти. Професорот Дарко Мославац од Градежниот факултет тогаш посочи дека препроектирањето на железничката линија кон Албанија би траело минимум една година, а сето тоа би чинело од 3 до 5 отсто од вредноста на новопроектираната траса. Дополнително, изградбата на алтернативен тунел од Струга до Прењас би чинела од 15 до 30 милиони евра по километар, изјави тогаш Мославац. Од Владата пак пресметаа дека нов железнички тунел би чинел дополнително над 100 милиони евра во однос на проектираната сегашна вредност на пругата Кичево-Лин.

>
>