Вечерва почнува ЕУРО 2020 – воведен натпревар Италија – Турција

 Вечерва почнува ЕУРО 2020 – воведен натпревар Италија – Турција

Со свечена церемонија на отворање и средбата меѓу Италија и Турција вечерва на Олимпико во Рим ќе биде отворено 16-тото Европско фудбалско првенство.

Репрезентацијата на Италија, која е еден од домаќините на претстојното ЕУРО, се врати во голем стил и имаше што да покаже.

Една од најтрофејните фудбалски селекции на светот го пропушти претходното Светско првенство и тоа беше прв пат по 60 години Азурите да не успеат да се пласираат на едно големо натпреварување. Сега, сигурно на големата сцена се враќаат гладни за успеси.

“Мислам дека по се што минавме, сега кога ситуацијата се поправа, мислам дека е време да се обидеме да ја вратиме насмевката на лицата. Тоа ќе ни биде целта во текот на наредните месеци, сакам луѓето да уживаат и да се забавуваат. Воведниот меч е најтежок, но ние ќе се обидеме да се забавуваме и на крајот и да славиме”, рекол селекторот на Италија, Роберто Манчини.

Тимот се препороди по доаѓањето на Роберто Манчини на кормилото во 2018-та година и полека, но сигурно, ја враќа гордоста кај Италијанците, но и нивната репутација. Манчини неколку пати изјавил дека нивната цел е пехарот на ЕУРО.

“Бев самоуверен пред три години, а сега сум уште посигурен. Работевме многу добро, имаме одлични играчи и изградивме одличен тимски дух. Долго работиме заедно и уживаме и сакаме да продолжиме да уживаме и понатаму. До крајот на турнирот би сакале да дојдеме до Лондон. Многу сум самоуверен”, рекол Манчини.

Турција се надева на успех

Од друга страна репрезентацијата на Турција предводена од Шенол Ѓунеш потајно се надева дека може да го повтори успехот од Светското првенство во 2002-ра година, кога токму Ѓунеш го предводеше тимот до неочекуваното трето место.

“Секако, тоа има големо значење за играчите, но и за мене. Мислам дека сите очи на светот ќе бидат насочени кон вечерашниот натпревар. Сакаме да ја претставиме нашата земја во најдобро светло, да оствариме добар резултат и да одиграме чесен натпревар што сите нас ќе не направи многу среќни”, рекол Ѓунеш.

Турција пред себе вечер има светска велесила, но фактот дека неколку турски репрезентативци играат во Серие А може да и помогне на екипата.

“Имаме играчи кои играат во италијанската лига и тие знаат како функционираат работите таму и знаат со каква дисциплина се пристапува кон се. Сепак, мислам дека ова нема да направи голема разлика. Сите мои играчи кои ќе настапуваат против Италија само треба да работат и да дадат се од себе”, додал Ѓунеш.

>
>