Видео+фото: Што носат реките во Охридското Езеро?

 Видео+фото: Што носат реките во Охридското Езеро?

DCIM100GOPROGOPR1490.JPG

Одамна е познато дека реките кои се влеваат во Охридското Езеро, се и негови најголеми загадувачи. Освен свежа вода, секојдневно тие носат големи количини најразличен цврст отпад кој тешко се распаѓа. Тоа го покажува и подводната еко патрола на Нуркачкиот центар „Амфора“, која детектира големи количества отпад на местата каде реките Черава, Грашница, Далјан и Сатеска се влеваат во Охридското Езеро.

Охридските нуркачи со години алармираат на загрижувачката состојбаи загадувањето на Охридското Езеро. Тие редовно организираат акции за отстранување на цврстиот отпад од езерското дно, но нивната мисија од напред е осудена на неуспех поради несовесниот однос на граѓаните кои и натаму со несмален интензитет продолжуваат да го загадуваат езерото кое е прогласенои за светско природно наследство од непроценливо значење.

Состојбата со вливот на реките во езерото е алармантна. Овој проблем е одамна познат во пошироката јавност. Има присуство на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека… –  велат од од Нуркачкиот центар „Амфора“.

Нуркачите од Амфора оваа состојба ја евидентираа со подводно фотографирање и снимање, а изработија и карта со загадени зони (црни точки).

Бидејќи цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит, потребно е сеопфатно решение на овој фундаментален проблем. Постојат неколку практични решенија кои можат да се применат на вливовите. Првото е да се изгради мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект, а второто да се постави таканаречен кит за чистење реки – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана. – предлага меѓународниот нуркачки инструктор Јован Секулоски.

Овој проект е финансиран од Општина Охрид, Одделение за спорт.

извор:OhridNews

x