(ВИДЕО) Потоп во Љубљана: „Ова се случува еднаш во 250 години“!

 (ВИДЕО) Потоп во Љубљана: „Ова се случува еднаш во 250 години“!

Силно невреме синоќа ја зафати Словенија и поплави повеќе од 500 згради во Љубљана. Дежурните служби примиле повеќе од 2.700 повици од граѓани помеѓу 20 часот и полноќ, но според досегашните податоци нема повредени, јавуваат словенечките медиуми.

Поплавени се патишта, станови, подземни гаражи, училишта, градинки, индустриски погони, магацини, а бројни автомобили се уништени откако многу дожд наврна во краток временски период.

Во Љубљана паднаа 88 литри на метар квадратен, што, според проценките, е нешто што се случува еднаш во 250 години.

Според метеорологот Рок Носан, на некои места за кратко време паднало повеќе дожд отколку за вкупно два месеца.

Од дождот штета претрпе и театарот во Љубљана.

Јернеј Пристов, портпарол на театарот, рече дека за време на претставата, водата почнала да паѓа од покривот.

„Покривот беше дотраен, водата паѓаше на сцената и зад сцената во потоци. Претставата беше прекината, а луѓето евакуирани, рече Пристов.

Тој додаде дека „вакво нешто никогаш не се случило во историјата на театарот“.

Невремето предизвика големи проблеми и во другите делови на Словенија.

Метеоролозите најавуваат помали врнежи за денеска, а попладне се очекува разведрување.

>
>