
(Видео) Владата прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Владата на денешната седница на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, донесе одлука за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена.
„На 30-ти октомври Владата донесе уредба со која се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, настаната поради временските и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија“, рече Бектеши.
Министерот информираше дека поради оваа причина, операторот на преносниот систем „Мепсо АД“ изготвил извештај за проценката на стабилноста на македонскиот електро-енергетски систем за последниот квартал на оваа година.
„Според доставениот извештај Комисијата процени дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електричната енергија. Ваквата проценка на ризици се темели на неколку основи: заради капацитетите на домашното производство, но истовремено и заради зголемените цени во странските берзи“, рече Бектеши и дополни дека единствена мерка која произлегува од оваа одлука е да се вбризгуваат финансиски средства во енергетските компании, со цел да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија.
„Како влада во моментот сме фокусирани на успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза. Повторувам – донесуваме кризна состојба со цел да го подобриме работењето на енергетските компании, да се зголеми нивната ликвидност, а никако да донесеме рестриктивни мерки што би влијаеле негативно на секојдневниот живот на граѓаните“, заврши Бектеши.