
Видеото од исфрлањето на пратеникот затоа што не носи маска стана вирално, но…
Видео снимката на која може да се види како исфрлуваат пратеник од италијанскиот парламент стана вирална на социјалните мрежи.
На снимката може да се види како неколку лица го изнесуваат пратеникот од салата, а корисник на „ТикТок“ објави дека пратеникот се изнесува затоа што не носи заштитна маска. Поради тоа, видеото стана вирално, а илјадници луѓе го споделија објаснувајќи дека тоа се случува кога политичар во Италија не ги почитува правилата против ширењето на коронавирусот.
Меѓутоа, пратеникот не е исфрлен од седницата поради неносење на заштитна маска.
Имено, станува збор за инцидент кој се случил пред крајот на јуни, кога пратеникот Виторио Зграби беше изнесен од салата на парламентот не затоа што не носел заштитна маска, туку поради тоа што навредил други пратеници.
Зграби кој е долго во политиката, за време на седницата жестоко го критикувал правосудниот систем и некои обвинители ги споредил со мафијаши.
Овој италијански парламентарец е познат по своите вербални испади, а целата ситуација покажува колку е големо влијанието на социјалните мрежи и како лажните вести брзо можат да се прошират.