• 20/02/2020
 Високи пикови изминатата ноќ во Охрид: На периферијата чист воздух, во центарот на градот зголемено загадување

Високи пикови изминатата ноќ во Охрид: На периферијата чист воздух, во центарот на градот зголемено загадување

Неодамна Општина Охрид, преку меѓународен проект, започна мониторинг на квалитетот на воздухот во градот, со поставување мерни станици на повеќе локации. Тие изминатата ноќ покажаа значителна разлика и зголемено ниво на загаденост на воздухот во центарот на градот, за разлика од поодалечените населби и периферијата.

Најголемо загадување беше измерено околу полноќ кај Гимназија од високи 246,47 ug/м3 на штетните по здравјето на луѓето pm 10 честички, додека измереното ниво на pm 2,5 честички во воздухот беше значително помало – 121,79 ug/m3.

Високо загадување со штетните pm 10 честички пред полноќ беше измерено и на мерното место кај општината – 214,63 ug/m3.

Овие две мерни места сериозно отсткокнуваа во негативна смисла од останатите во градот, каде квалитетот на воздухот беше далеку подобар: ЦОУ „Братсво и Единство“ 182 ug/m3 (pm 10), ОУ „Братство и Единство“ 110,97 ug/m3 (pm 10), ЈП „Нискоградба“ 81 ug/m3 (pm 10) и ОУ „Кочо Рацин“ 37,34 ug/m3 (pm 10).

На што се должат синоќешните негативни пикови во мерењето на квалитетот на воздухот, треба да  покажат анализите, дотолку повеќе што системот е инсталиран едвај петнаесеттина дена и не може да се влечат од напред заклучоци за вакви скокови во измерените параметри, оттаму што досегашните резултати на овие две мерни места во главно беа во рамки на нормалата.

На ова укажуваат и резултатите од мерните системи кај гимназијата и општина два часа по полноќ, кои покажуваа значително намалена загаденост на воздухот во однос на измерените параметри пред полноќ. Мерното место кај Гимназија во 02:10 часот покажуваше добар квалитет на амбиенталниот воздух, додека кај општината во истиот период се уште беше лош.

Локалната самоуправа деновиве апелираше до граѓаните да се воздржат од палење василичарски огнови на отворено, со цел да се превенира загадувањето на воздухот и зголемената концентрација на ПМ честичките во амбиенталниот воздух. Дали тоа влијаело на посочените негативни пикови и енормното загадување на воздухот синоќа, исто така е тешко да се каже.

Но, граѓаните од центарот на градот, укажуваат на сериозни проблеми во однесувањето на поединци, посочувајќи пример во близина на поранешниот хотел ПТТ. Тие тврдат дека блиску до оваа локација подолго време, неодговорни граѓани редовно горат кабли, пластика и слични материјали кои го загадуваат воздухот. За случајот ги известиле надлежните инспекциски служби, но велат дека не е преземено ништо.

Надлежните, пак, велат дека секој оџак што чади не значи и дека го загадува воздухот, но граѓаните се скептични во врска со таквите тврдења. Според нив, потребна е поголема контрола на сите сомнителни случаи на загадување, поригорозни мерки кон загадувачите и широка кампања за подигнување на свеста на граѓаните за опасностите и последиците од загадувањето на воздухот, што се смета за една од најбрзо растечките причини за смртност во светот.

Извор:OhridNews

Можеби ке те интересира