Владата ќе одлучува за новите мерки за празниците

 Владата ќе одлучува за новите мерки за празниците

Владата денеска на седница ќе ги разгледа предлозите на Комисијата за заразни болести и на Главниот штаб.

Мерките што вчера ги препорача Комисијата до Владата се однесуваат на периодот од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници. 

„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти, и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препорако кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Препораката до Владата ќе биде угостителиските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега.

Останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во претстојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид собири во периодот на празниците.

Комисијата ќе достави и препорака за групирање во станови за претстојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.

„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за претстојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, вели министерот Филипче.

Независната угостителска комора го изрази несогласувањето со новиот пакет-мерки што се однесува на реорганизација на работното време на угоститетлските објекти и достави до Комисијата нивни предлози.