
Владата не ги прифати предлозите на Комисијата: Потребни се законски измени…
Владата на денешната седница не ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести за носење заштитна маска на отворено и за забрана за групирање по домови.
Од „Илинденска“ образложија дека за да се прифати еден таков предлог, најпрвин потребно е да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
Комисијата меѓу другото од Владата побара забрана на семејни собири и прослави во домовите, со тоа што ќе можат да се примат најмногу четворица гости. Комисијата за заразни болести исто така предложи и задолжително носење на заштитни маски на отворено, работно место, транспорт и во возила ако лицата не живеат заедно. Исто така, предложено беше после 22:00 часот да се забрани групирање на повеќе од четири лица во отворен или затворен простор.
„Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“, соопштија од Владата.
Меѓу другото, на владината седмица беше усвоено да се склучи договор со глобалниот сојуз за вакцини, за набавка на вакцини против коронавиорусот преку COVAX механизмот.
„На оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Договор за преземени обврски помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, и е прифатен текстот на Обврзувачкиот договор за набавка на вакцините“, стои во соопштението на Владата на Македонија.