
Во Авганистан стапи на сила договорот за избегнување на насилство
Договорот за „избегнување на насилството“ со Талибанците е на сила од изутрината, со што се отвора шанса да се потпише мировен договор меѓу Соединетите држави и милитантната група.
Тивкиот почеток на денот доаѓа откако американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека мировниот договор треба да биде потпишан на 29 февруари, под услов еднонеделното делумното примирје да стапи на сила на полноќ.
Во изјавата на Помпео се вели дека Соединетите држави и Талибанците се ангажирани во разговори за да се олесни политичката спогодба да се стави крај на конфликтот во Авганистан и да се намали присуството на САД во регионот. „Во последните неколку недели, во консултација со Владата на националното единство, американските преговарачи во Доха постигнаа договор со Талибанците за значително намалување на насилството низ Авганистан“, рече Помпео.
„По успешно спроведување на ова се очекува потпишувањето на договорот меѓу САД и Талибанците. Ние се подготвуваме потпишувањето да се случи на 29 февруари“, рече Помпео, додавајќи дека внатре-авганистанските преговори ќе започнат наскоро потоа, со крајна цел да се обезбеди „сеопфатен и постојан прекин на огнот“.
Во писмената изјава, Талибанците го потврдија планираното потпишување на договорот на 29 февруари.