Во Германија протести поради мерките против Ковид-19

 Во Германија протести поради мерките против Ковид-19

Многу од демонстрантите собрани во неколку градови низ земјата не ги почитуваа мерките за носење маска и одржување дистанца

БЕРЛИН

Во многу германски градови вчера беа организирани протести поради мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).

Околу илјада луѓе под слоганот „Веќе е доста“ се собраа пред Министерството за здравство на Германија во Берлин.

Демонстрантите истакнаа транспаренти на кои пишуваше „Укинете ги мерките“, „Слобода наместо Меркел“, „Основните права не се подарок“ и слично.

Претставниците на собраните граѓани го критикуваа воведувањето на мерките и рекоа дека се размислува за барањата на фармацевтскиот сектор наместо за желбите на народот.

Многу од присутните демонстранти не носеа маски и не ги почитуваа правилата за дистанца. Полицијата во повеќе наврати повика на почитување на пропишаните мерки.

Во Дрезден се одржани протести иако се строго забранети масовни јавни собири.

Германските медиуми известија дека собраните граѓани ги игнорирале повиците на полицијата да престанат со протести, а демонстрантите кои не ги почитуваа мерките за носење маска и држење физичка дистанца ги нападнаа припадниците на безбедносните сили.

Генералниот секретар на огранокот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Саксонија, Александер Диеркс, остро го осуди насилството кон полицијата и додаде дека демонстрантите го покажале вистинското лице. Верува дека станува збор за луѓе што се склони кон насилство.

„Ваквите луѓе би требало да ја почувствуваат силата на правната држава“, смета Диеркс.

Во Дизелдорф се собраа околу две илјади луѓе. Полицијата ги прекина демонстрациите бидејќи собраните не носеа маски ниту ги почитуваа правилата за социјална дистанца.

Повеќе стотици луѓе се собраа и на протестите во Киел, Ханове, Штутгарт и Постдам.

>
>