Во Струга е хоспитализиран маж со ковид-19 кој бил на патување во Занзибар

 Во Струга е хоспитализиран маж со ковид-19 кој бил на патување во Занзибар

Директорот на болницата за нефрологија во Струга, доктор Александар Попоски, за „Слободен печат“ потврди дека од Битола му бил препратен пациент кој бил на патување во Занзибар, Африка и потоа со позитивен корона тест завршил во болница. И сопругата на пациентот била хоспитализирана во Скопје.

Се уште не се завршени анализите во МАНУ кои треба да потврдат или да негираат дека станува збор за јужноафриканскиот сој на коронавирусот.

-Има еден пациент кој ни дојде од Битола ненајавено. Во петокот слетал од Истанбул од Танзанија патувал, во Занзибар. Таму бил 15 дена со сопругата и два дена пред да дојде кренал температура. Дојде со висок креатинин и потврден на коронавирусот, без да ни кажат од битолската болница дека патувал во Африка, со што постои ризик. И вчера инсистиравме да се префрли во 8 Септември. Уште го немам вклучено на дијализа, стабилен е меѓутоа податоците отпосле се дека сопругата му била хоспитализирана во Скопје и заедно биле на пат. Сатурацијата му е добра, ни рече доктор Попоски.

Егзотично патување во рајскиот Занзибар, на какво што периодов одат десетици туристи од Македонија, може да го донесе јужноафриканскиот сој на коронавирусот во земјава.

Хрватските здравствени власти веќе потврдија дека имаат коронавирус од јужноафриканскиот сој благодарение на овие патувања во Африка, но тоа за нашите туристички агенции не претставува проблем да организираат двонеделни патувања на рајските песочни плажи. 

>
>