Во Струга многу плажи без спасувачи, досега неколку критични случаи на давење

 Во Струга многу плажи без спасувачи, досега неколку критични случаи на давење

Во отсуство на спасители на поголемиот дел од струшките плажи, единствени кои би можеле да му дојдат на помош на некој евентуален давеник се локалните жители. Меѓу нив е и стружанецот Јаковче Матлијески. Тој за Алсат раскажува дека сезонава неколку пати морал да влезе во езерото за да спаси човечки животи.

„…Родител со синот, од Арачиново, побара помош и пристапивме ние неколку стружани да ги спасиме. Детето се давеше, а родителот не знаеше да плива. Овде на пристаништето каде што сме, беше една бабичка со три внуци, почнаа внуците да се дават, а бабата скокна да ги спасува. Јас се најдов тука и им помогнавме и ги спасивме да не се удават. Беа околу 15 годишни девојчиња“, рече Јаковче Матлијески-жител на Струга.

Стружани велат дека на плажите мора да има спасители, а туристите бараат поголема безбедност.

„Најголем проблем е ова. Катастрофа е. Без спасувачи тешко е. Деца има полно. Под итно спасувачи да има. Не може без спасувачка екипа…“

„Би требало да има. Убаво е. Чиста е водата, мирно е. Како е правилно така треба да биде“, рекоа анкетираните туристи.

Законска должност на оние кои стопанисуваат со плажите е да имаат спасители. Но, договорите за концесија со години им се истечени.

„И оваа година имаме пет плажи кои веќе имаат спасители. Но, имаме и плажи кои и понатаму немаат аплицирано за спасител. Тоа е ризик и за граѓаните и за капачите. Но, тоа е ризик кој плажите си го земаат на себе. За жал најпосетуваните плажи и оваа година немаат спасители…“, рече Адуриме Даути-Црвен крст Струга.

На струшките плажи секое лето спасителите на Црвениот крст имаат стотина интервенции од најразличен карактер, а минатата година биле спасени и капачи кои биле пред давење. Освен ова, на поголемиот дел од капалиштата не се поставени ниту табли на кои треба да стои да се внимава затоа што плажата не е обезбедена. Од другата страна на езерото, во Охрид, Црвениот крст е задолжен да патролира по копно и од вода секој ден од 11 до 19 часот на оние плажи кои веќе немаат концесионери и со кои управува општината.

извор:Алсат М

>
>