Во струшката болница хоспитализирани 25 пациенти со Ковид 19

 Во струшката болница хоспитализирани 25 пациенти со Ковид 19

Во двата ковид-центри во Болницата во Струга хоспитализирани се 25 пациенти позитивни или суспектни на коронавирусот, од кои седуммина се на кислородна поддршка.

Директорот на Болницата Арменд Арслани во изјава за МИА појасни дека поради благото зголемување на бројот на пациенти за хоспитализација со Ковид – 19 пуштена е во употреба модуларната болница.

– Со цел сите граѓаните кои имаат потреба од услуги на Интерното одделение, кое беше ковид-центар, да ја добијат соодветната услуга, на располагање ја ставивме модуларната болница, каде во моментот се хоспитализирани 12 пациенти. Во ковид-центарот на Интерното одделение сместени се 13 пациенти, информира Арслани.

Хоспитализираните, според него, се во средно-тешка здравствена состојба, а двајца се во потешка. Болницата, нагласи директорот, располага со соодветен медицински кадар и преку ротации ги опслужуваат пациентите во модуларната болница.

– Медицински кадар има доволно. Сите поминале обуки и имаат знаење во справувањето со пандемијата. Имаме зајакнување со инфектолог и доволно интернисти. Во ротациите за справување со коронавирусот се вклучени сите специјализанти и медицинските сестри, рече Арслани.

>
>