Во водите на Охридското Езеро пронајдени вредни предмети од периодот на антиката

 Во водите на Охридското Езеро пронајдени вредни предмети од периодот на антиката

При слободно нуркање на членови од нуркачкиот центар Амфора кај Пештани и Трпејца, во околината на локалитетот Плоча Миќов град, пронајдени се три фрагментирани керамички садови за складишна употреба – питоси, лоцирани на длабочина од 45, 35 и 5 м под површината на водата.

На друга локација, пак, пронајдена е градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип, откриени на длабочина од 19,5 м.

Тегулите од лаконски тип биле во употреба во долг временски период низ антиката, но во конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, за прв пат откриени во водите од Охридското Езеро. И во двата случаи, оддалеченоста на предметите на 70 – 100 метри од брегот на езерото, укажува на фактот дека истите биле транспортирани по вода со некаков пловен објект, а од засега непознати причини биле истоварени на овие места. – вели Бојан Танески, археолог, виш кустос во Завод и Музеј Охрид и раководител на проектот за подводно археолошко рекогнисцирање на делови од источното крајбрежје, што кон крајот на октомври го реализираше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Целта на проектот, како што истакнува Танески, е да се направат почетни истражувања на локациите за кои има индиции за постоење на археолошки локалитети и поединечни наоди, да се дефинираат нивните граници, да се позицинира нивната географска местоположба со помош на GPS уреди, но и да се откријат нови локалитети, со крајна цел нивно запишување во националниот регистар на културното наследство.

Потребата за проект од овој тип произлезе од интересот на домашни и странски гости за авантуристички туризам, односно преку нуркачки активности да се посетуваат атрактивни локации во водите на Охридското Езеро. Проектот имаше и заштитен карактер, бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, истите ќе бидат заштитени од нелегални посети и активности. – вели Танески.

Дополнителните археолошки истражувања, пак, треба да ја пополнат сликата за животот во крајбрежниот појас од Охридското Езеро од праисторијата до денес.

извор:OhridNews

>
>