За првпат објавена снимка од одмаздата: Моментот кога Иранците ја ракетираа американската база во Ирак!

 За првпат објавена снимка од одмаздата: Моментот кога Иранците ја ракетираа американската база во Ирак!

Пентагон ја декласификуваше досега невидената видео снимка на која може да се види како низа на ирански ракети ја погодија американската воздухопловна база во Ирак минатата година како одговор на американскиот напад и убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Снимката која беше објавена на “CBS” прикажува како шест проектили паѓаат на воздушната база Ајин Ал-Асад на западот на Ирак, каде што се распоредени припадници на американската армија.

Проектилите се забија во хангари за одржување на авиони и други објекти во базата, а потоа експлодираа и густ чад се издигна над базата.

Снимката е направена од американски дрон кој на 8-ми јануари 2020-та година летал над базата. До нападот дојде пет дена подоцна откако беше убиен иранскиот генерал Касим Сулејмани во американски воздушен напад во близина на аеродромот на Багдад по наредба на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Инаку, во нападите кои иранската Револуционерна гарда ги изведе како знак на одмазда немаше загинати, но 110 припадници на американската армија се здобиле со потрес на мозок затоа што биле премногу блиску до местото на експлозијата.

Иако високи функционери во американската армија тогаш ги пофалија американските разузнавачки служби кои претходно ги известиле за планираниот напад и овозможиле евакуација на војниците и авионите, тогашниот ирачки премиер Адел Абдул Махди напомена дека самите ирански власти ги известиле своите колеги од Багдад за нападот, а информацијата потоа била проследена до Американците.

Иранските власти тврдат дека контранападите биле демонстрација на сила после убиството на Сулејмани и дека немале намера нападите да резултираат со човечки жртви.

>
>