• 21/09/2020

Заев најави раскинување на концесиите со каменоломите во Лабуништа

 Заев најави раскинување на концесиите со каменоломите во Лабуништа
loading...
Advertisement

Со одлука на Влада дадовме дополнително овластување на министерот за економија Крешник Бектеши за еднострано раскинување на договорите се со конечна цел да бидат до крај, стопроцентно затворени каменоломите во Лабуништа.

Ова денеска го соопшти премиерот Зоран Заев, одговорајќи на пратеничко прашање од Лилјана Поповска од ДОМ за каменоломите во Струшко.

Заев рече дека многу долго време се дискутирало и се актуелизирало со цел да се реши овој проблем.

– Резултатот досега е успешен, но не до крај заради тоа што три-четири каменоломи се отстранети, еден-два треба да се дозавршат. Вчера му дадовме дополнително овластување на министерот за економија за едностран раскин. Тоа го правиме низ разговор, не насилнички – рече Заев.

Премиерот потенцира дека најважни се граѓаните и нивното здравје и изрази задоволство што на ваков начин се изнаоѓа решение за затворање на сите каменоломи.

Тој најави дека многу брзо ќе соопштат дека сите каменолми се затворени, дури и оние кои во моментов не се формално затворени и работат по некој пат.

Министерството за економија денеска соопшти дека ја разгледува можноста за измени и дополнувања на Законот за минерални суровини во насока да сe разгледаат сите законски можности и да се превземат сите активности за одземање на концесиите во околината на концесиите за ископ на минерални суровини во околината на село Лабуништа.

Во исто време Министерството за економија работи да се изнајде долгорочно решение во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население.

„Министерството за економија континуирано ја следи состојбата на терен и се прават подготовки за вршење на дополнителни анализи за да се утврди дали има основаност за раскин на договорите за концесија или пак има начини да се премостат несогласувањата и работата на концесионерите да се прилагоди кон барањата на жителите на Лабуништа“, соопшти министерството.

Извор: plusinfo.mk