Заев очекува до крајот на март вакцините сепак да пристигнат

 Заев очекува до крајот на март вакцините сепак да пристигнат
Нови најави од Владата за почетокот на масовната вакцинација. Или кон крајот на месецов или на почетокот на следниот Македонија ќе започне со имунизацијата, ова е последна во низата најави на Премиерот Зоран Заев. 

Првите количини на Астра зенека преку Ковакс системот очекува да пристигнат кон крајот на март, а следната недела би требало да пристигнат и вторите дози од руската вакцина „Спутник“ со која се вакцинираат здравствените работници. 

На 30-ти овој месец во земјава треба да допатува и кинескиот министер за одбрана кој ќе треба да даде и попрецизна информација кога ќе пристигнат кинеските вакцини. 

„Она што го знаеме по сите информации е дека на крајот на март ги очекуваме првите количини од Ковакс системот. На 30-ти доаѓа министерот за одбрана на Кина и веруваме дека ќе донесе попрецизна информација кога ќе стигнат и кинеските вакцини. Мислам дека кон почетокот на следната недела ќе стигнат и вторите дози од „Спутник“ кои се користат за здравствените работници“. – Зоран Заев – Претседател на Владата.

Покрај здравствените домови и здравствените установи каде може да се врши имунизација, се подготвуваат и дополнителни објекти со цел побрзо да се спроведе масовната имунизација на населението. 

Во меѓувреме пак се трошат и последните вакцини во  земјава. Во поликлиниката Јане Сандански веќе се даваат и последните дози од руската вакцина Спутник, поради што голем број на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат ќе останат незаштитени и ќе треба да почекаат да стигнат нови количини на вакцини.

Според последните податоци на здравствените власти до сега во земјава вакцинирани се само околу 6 500 здравствени работници.

>
>