Започна официјалната посета на претседателот Пендаровски на Република Србија

 Започна официјалната посета на претседателот Пендаровски на Република Србија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Палата Србија во Белград, беше примен со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со што ја започна официјалната посета на Република Србија.

Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, на која ги потврдија пријателските односи и меѓусебно разбирање меѓу Република Северна Македонија и Република Србија и ја потенцираа важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредување на меѓусебниот дијалог.

По средбата на двајцата претседатели, ќе се одржи и пленарен состанок меѓу делегациите на Република Северна Македонија и на Република Србија, по што ќе следува и заедничка прес конференција на претседателите. Прес конференцијата со почеток во 12:00 часот, ќе може да се проследи во живо на официјалната FB страница и на YouTube каналот на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во рамки на официјалната посета, претседателот Пендаровски ќе оствари средби и со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ, како и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија, Марко Чадеж и стопанственици од Република Србија.

Во сабота, 23 ноември 2019 година, претседателот Пендаровски во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“.