НАТО најави уште тешко оружје за Украина, осуди на бомбардирањето станбена зграда во Дњепар

НАТО синоќа најави дека Украина „наскоро“ може да очекува нови испораки тешко вооружување од Запад.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја „преценил силата“ на руските трупи со инвазија на Украина. „Ги гледаме нивните погрешни чекори, недостатокот на морал, проблемите со командата, нивната лоша опрема“” и нивните „тешки загуби“, ја пренесува неговата изјава германскиот дневен весник „Ханделсблат“.

„Неодамнешните (западни) ветувања за снабдување со тешко оружје се значајни и очекувам повеќе во блиска иднина“, додава тој, неколку дена пред новиот координативен состанок на западните земји закажан за 20 овој месец, на кој треба да биде обезбедена дополнителна помош за Украина.

Западните земји долго време не сакаа да му достават тешко оружје на Киев, стравувајќи дека би можеле да бидат вовлечени во војната. Но, на почетокот на јануари, Франција, Германија и САД конечно ветија дека ќе испратат оклопни орудија – 40 германски „Мардерс“”, 50 американски „Бредли” и францускиот „MX-10 RC“.

Велика Британија во саботата соопшти дека „во наредните седмици“ ќе испорача 14 тенкови „Челинџер 2″ во Украина. Тоа е првата земја што ќе испорача тешки тенкови од западно производство на Киев.

Руската дипломатија оцени дека таквите испораки на оружје „во никој случај нема да го забрза крајот на воените непријателства, туку само ќе ги интензивира“.

Киев веќе доби околу 300 тенкови од своите сојузници, но се работи за застарени советски орудија, ниту еден од западно производство.

Полска минатата среда соопшти дека е подготвена да испорача 14 германски тешки тенкови „Леопард 2“, доколку добие одобрение од Берлин.

Иако руската армија се чини дека има потешкотии во борбата против украинските сили поддржани од Западот, рускиот претседател уверува дека „се се одвива спроде планот“.

„Динамиката е позитивна и се се одвива според плановите на Министерството за одбрана и Генералштабот. Се надевам дека нашите борци ќе не воодушеват уште многу пати со нивните воени резултати, рече тој за веста што доаѓа од Соледар, град за кој руската армија тврдеше дека го освоила во петокот“, изјави Путин во интервјуто дадено за руска национална телевизија.

Заземањето на малиот украински град во Москва беше претставено како успех по неколкумесечните руски неуспеси, особено по повлекувањето од регионот Харков на североисток и големиот град Херсон на југ пред украинската контраофанзива.

Заменик-министеркатаза одбрана на Украина, Гана Малиар, од своја страна синоќа изјави дека украинските сили ги задржале своите позиции во Соледар.

Таа рече дека тие ги „одбиле нападите на напаѓачите” на повеќе линии на фронтот во регионите Луганск и Донецк, вклучувајќи го и Соледар. „Едноставно кажано, битката продолжува“, рече Малиар.

„Битката за Соледар, за Бахмут, за целиот регион Доњецк, за регионот Луганск продолжува без никаков одмор“, рече и украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото дневно обраќање на јавноста.

Според Москва, заземањето на Соледар е важен чекор кон опкружувањето на блискиот град Бахмут кој руската армија и паравоената група „Вагнер“ со месеци се обидуваат да го освојат.

Серија гранатирања и ракетни напади викендот беа извршени врз неколку украински градови, меѓу кои и саботниот напад врз станбена зграда во Дњепар. Според последниот извештај објавен синоќа, во нападот се убиени 30 лица, меѓу кои и едно дете, а 75 се повредени, од кои 14 деца, додека 45 лица се водат како исчезнати.

САД го осудија нападот како „нов пример за бруталната и варварска војна на Русија против украинскиот народ“. Портпаролот на Советот за национална безбедност увери дека САД „ќе продолжат да и даваат на Украина она што и е потребно за да се брани“.

На југот, во Кривој Рог, едно лице загина, а друго е повредено во саботните напади врз станбени објекти, се вели во официјалниот извештај.

Руските сили вчера повторно силно го бомбардираа Херсон, погодувајќи инфраструктура и објекти на Црвениот крст при што се ранети седум лица, соопшти регионалниот гувернер, Јарослав Јанушевич.

„Во текот на денот непријателот изврши осум напади со повеќе ракетни фрлачи“, соопшти доцна синоќа украинскиот Генералштаб, конкретно споменувајќи ги „офанзивните акции (на Русите) кај Бахмут и Авдиевка“.

Според украинските власти, по последните руски напади низ земјата има дополнителни прекини во испорачувањето електрична енергија.

„Дефицитот во електроенергетскиот систем по нападите е огромен. Неколку термоелектрани повеќе не работат“, објави на Фејсбук генералниот директор на енергетската компанија ИАСНО, Сергиј Коваленко, најавувајќи ограничувања за снабдувањето со електрична енергија насекаде во земјата, особено во Киев.

„Штетата е голема. Сите енергетски компании работат на оштетувањата, но мораме да бидеме подготвени дека прекините ќе траат долго“, рече Коваленко.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ