Финска е чекор поблиску до НАТО, нема да ја чека Шведска

Во Парламентот на Финска денеска ќе се одржи завршната расправа за приклучување во НАТО и однапред ќе се гласа со цел што побрзо земјата да влезе во таа воена алијанса, одлучувајќи дека нема чека на претходна потврда на Турција и Унгарија, ниту на изборите во својата земја на почетокот на април.

Владата на премиерката Сана Марин се соочува со избори на 2 април, а Хелсинки сака да избегне каков било политички вакум за да се качи на возот за НАТО штом Анкара и Будимпешта ќе го ратификуваат нивното барање за членство во матичните парламенти.

Тоа значи дека можеби нема да ја чека соседна Шведска, исто така кандидат за НАТО, но која во моментов се соочува со вето од Турција.

Двесте пратеници во финскиот Парламент денеска ќе одржат финална расправа за предлог-законот за влез во НАТО, а гласањето ќе се одржи најдоцна до утре.

Нивната дискусија се совпаѓа со пристигнувањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Финска. Тој ќе се сретне со лидерите на таа нордиска земја со 5,5 милиони жители.

Усвојувањето на законот за приклучување во НАТО не значи дека Хелсинки, по ратификацијата на Турција и Унгарија, автоматски ќе влезе во НАТО, но ќе има јасен календар: по усвојувањето на законот, претседателот Саули Ниинисто има најмногу три месеци да го потпише. Тој веќе најави дека ќе го стори тоа веднаш штом законот биде усвоен.

Мнозинството од 53 проценти од Финците сакаат да влезат во НАТО не чекајќи на Шведска.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ