Базел најфреквентна дестинација за патување од охридскиот аеродром

ТАВ Македонија бележи силен пораст на бројот на патници за периодот јануари – јуни 2023 година. Имено, 1.338.406 патници патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првата половина на 2023 година, што претставува годишен пораст од 41%.

На охридскиот аеродром во првата половина од 2023 година најфреквентна дестинација за патување беше Базел (23,7% удел), по што следат Виена (22,6%), Дортмунд (17,9%), Меминген (11,8%), Малме (8,6%), Цирих (8,4%), Амстердам (6,1%), додека останатите дестинации имаат 0,2% пазарен удел, велат од ТАВ.

Ссметаат дека новите авиолинии и новите авиокомпании коишто влегоа на македонскиот авијациски пазар во изминатите неколку месеци, покрај редовните авиолинии што сообраќаат преку целата година и традиционалните летни сезонски и чартер-летови, претставуваат уште еден дополнителен придонес за континуирано зголемените резултати. На скопскиот аеродром тоа се линиите кон Франкфурт со Луфтханза, Сплит со Кроација ерлајнс и Осло со Норвеџиан, додека на охридскиот аеродром сезонски летови од Манчестер и Лондон-Гетвик со ТУИ и Белград со Ер Србија.

Со оглед на тоа што летната сезона е во полн ек, и со сумираните бројки за авиосообраќајот за првата половина на 2023 година, или за периодот јануари – јуни, ние како ТАВ со задоволство забележуваме силен позитивен тренд на закрепнување и зголемување на бројките на патници. Не само што продолжува позитивниот тренд од 2022 година, туку истиот е и надминат за 41 отсто, а прогнозите на *ACI дека патничкиот сообраќај на европските аеродроми годинава ќе биде помал за 9% во однос на 2019 година, кај нас се повеќе од надминати. Ние имаме 15 отсто повеќе патници од 2019 година, која што беше најсилната година за авиосообраќајот пред кризата со ковид-19, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за првата половина од 2023 година, јануари – јуни, биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 11,4% пазарен удел), Базел Милуз (6,7%), Цирих (5,9%), Дортмунд (4,9%), Виена (4,6%), потоа следат Минхен Меминген (4,3%), Франкфурт (3,5%), Малме (2,9%) и Келн (2,6%).

Моментално и согласно летниот ред на летање, од Меѓународниот Аеродром Скопје летаат 21 авиокомпанија до 47 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 6 авиокомпании летаат до 12 дестинации.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ