САД: Нема потреба Рубио да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО

САД сметаат дека не е потребно државниот секретар Марко Рубио да присуствува на долго планираниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, и покрај тековните разговори за крај на војната во Украина.
„Рубио веќе присуствуваше на десетици состаноци со сојузниците на НАТО и би било сосема нереално да се очекува тој да присуствува на секој состанок“, изјави портпаролот на Стејт департментот за ДПА.
Невообичаено е американски државен секретар да пропушти формален состанок на НАТО, пренесува германската новинска агенција ДПА.
„Не се сеќавам на нешто вакво во поновата историја“, изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, истакнувајќи дека неговото отсуство би испратило погрешен сигнал, особено во време кога е потребна поблиска координација со европските сојузници за Украина.
Една можна причина би можела да биде тоа што дел од американската администрација го смета НАТО за пречка за успешно спроведување на неодамнешната иницијатива на претседателот Доналд Трамп, насочена кон прекин на војната на Русија во Украина.
Неодамнешниот мировен план од 28 точки вклучуваше дел во кој се повикуваше НАТО целосно да се откаже од приемот на нови членки во блокот. Планот, исто така, сугерираше дека САД се гледаат себеси помалку како членка на НАТО, а повеќе како надворешен посредник, предлагајќи дијалог меѓу Русија и НАТО со посредство на САД.
Клучните европски членки на НАТО, вклучувајќи ги Германија, Франција и Италија, ги критикуваа ваквите делови од планот. Американските претставници реагираа на ова велејќи дека ќе ги решат прашањата на НАТО одделно со сојузниците.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ