Во пожарот во облакодерите во Хонг Конг над 150 загинати, досега уапсени 25 лица – откриено зошто толку брзо се ширел оганот

Властите во Хонг КОнг објавија формирање на независна комисија која ќе ја предводи судија за да ги утврди причините за најлошата трагедија во последните децении.
Најмалку 151 лице загина во пожарот во станбениот комплекс Ванг Фук Корт, а телата се пронајдени на скалите и покривите додека жителите се обидувале да избегаат од пламенот.
Полицијата уапси 13 лица под сомнение за убиство од небрежност, а 12 се уапсени во антикорупциска истрага поврзана со реновирањето на комплексот. Не е познато дали апсењата се поврзани.
Властите велат дека пластичната мрежа и изолацијата од пена што се користеле за време на реновирањето придонеле за брзото ширење на пожарот низ седумте високи кули, во кои се сместени повеќе од 4.000 луѓе. Тестовите покажаа дека материјалите не ги исполнуваат стандардите за гаснење пожари и дека дел од опремата била скриена од инспекција, изјави генералниот секретар Ерик Чан.
Жителите на Ванг Фук Корт предупредија за опасноста од запаливи материјали уште во септември 2024 година, но потоа им беше кажано дека ризикот е „релативно низок“, соопшти градското Министерство за труд.
Властите исто така велат дека алармите не работеле правилно и дека изолационата пена дополнително го забрзала ширењето на пожарот.
Откако некои граѓански групи повикаа на поголема транспарентност, полицијата приведе еден студент, а локалните медиуми објавија дека уште две лица се под истрага за можно поттикнување немири. Полицијата не коментираше за случаите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ