Лиценцата не е причината за пожарот! Во светот одговорноста е јасна – кај нас се бара вина без да се има контрола врз настанот!

Во ниту една голема светска трагедија, судовите не ја барале вината кај институциите што ги издале дозволите пред многу години. Насекаде и секогаш, одговорноста паднала врз оние што во моментот на трагедијата ја менаџирале безбедноста.
Кога во 2003 година во „Station NightClub“ во САД изби пожар и загинаа 100 лица, ниту еден државен службеник што издал дозвола не беше обвинет. За одговорни беа прогласени само организаторите, сопствениците и лицата што илегално поставиле пиротехника. Судот истакна дека „лиценцата не е причината за пожарот, туку незаконските дејства и пропустите на одговорните лица“.
Во Германија, по трагедијата на „Love Parade“ во 2010 година, кога загинаа 21 лице, исто така не беа обвинети министерот или органите што го одобриле настанот. Како одговорни беа сметани само локалните службеници и организаторите кои ја управувале безбедноста во фаталниот момент. Судската одлука беше јасна: „Одговорен е оној што имал контрола врз ризикот во моментот на настанот“.

И во Британија, по пожарот во „Grenfell Tower“ во 2017 година кога загинаа 72 лица, истрагите не ги ставија под одговорност министерот или институциите што ги издале градежните дозволи. Одговорноста ја понесоа компаниите што поставиле погрешен материјал, инспекторите што не ја извршиле контролата и управителите на објектот. Правната логика беше иста: административен акт од пред 10 или 12 години не може да биде причина за трагедија, кога во меѓувреме се случиле низа други независни постапки.
Друг сличен случај е пожарот во „Colectiv Club“ во Букурешт, Романија, во 2015 година, кога загинаа 64 лица. За одговорни беа прогласени сопственикот на клубот, организаторите на концертот, инспекторите што дозволиле поголем број присутни лица и оние што не ја спровеле безбедноста. И тука, ниту еден министер не беше обвинет, иако лиценцирањето било направено од министерството. Образложението на судот беше јасно – административната дозвола не била директна причина за пожарот, туку пропустите во спроведувањето на безбедносните мерки.
На крај, може да се спомене и трагедијата со 66 загинати во ноќта на прославата на Новата година во „Santika Nightclub“ во 2009 година во Тајланд. И тука беа осудени сопствениците и организаторите, а не беа кривично гонети лицата што ги издале лиценците 7 години пред да се случи трагедијата.
Овие случаи јасно го покажуваат универзалниот принцип: одговорноста паѓа само врз оние што во критичниот момент имале реална контрола врз објектот, безбедноста и активностите што довеле до трагедијата. Во отсуство на таква контрола, не може да постои правен каузалитет.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ