ФБИ алармира: Хакери ги напаѓаат системите за ладење и индустриските фрижидери ширум светот

Според американските безбедносни агенции, хакери ги искористуваат слабостите во електронските системи за контрола на температурата во супермаркетите и ладилниците, особено кај уредите што немаат безбедносни ажурирања или се директно поврзани на интернет.

Во заедничко соопштение, Федералното истражно биро (ФБИ) и неколку други американски агенции предупредуваат дека напаѓачите можат да ја менуваат температурата на уредите, предизвикувајќи расипување на прехранбените производи, ризик од пожар и оштетување на системите за ладење.

„Гледаме дека овие системи стануваат мета на напади во различни сектори на критичната инфраструктура ширум светот, со што се загрозуваат производите и опремата“, изјави Брет Литерман, директор на Оперативниот оддел на ФБИ за кибербезбедност.

Предупредувањето е објавено во соработка со Агенцијата за кибербезбедност и инфраструктурна безбедност (CISA), Министерството за здравство и социјални услуги, Министерството за земјоделство и Министерството за транспорт на САД.

Од средината на октомври, неколку европски земји се соочиле со слични напади врз системите за ладење во супермаркети и прехранбени бизниси. Како последица на овие упади, температурата во разладните уреди се зголемила, што довело до расипување на производите.

Меѓу погодените земји се Франција, Белгија, Шведска, Ирска, Холандија, Естонија, Финска и Германија.

На почетокот на ноември, мета на кибернапад бил и француски центар за складирање крв, додека американските медиуми јавуваат дека властите истражуваат и неколку слични инциденти во САД.

По овие случувања, Европската комисија свикала итен состанок за да разговара за состојбата и ризиците што ги претставуваат нападите врз ваквите системи.

Засега, надлежните органи не соопштиле кој стои зад нападите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ