Алпите лани изгубија повеќе мраз од ледниците од кога било досега

На Алпите минатата година се стопи повеќе мраз од ледниците отколку кога било досега, објави денеска агенцијата на ЕУ за следење на климатските промени.

Глечерите изгубија повеќе од пет кубни километри мраз, објави Службата за следење климатски промени Коперник. Од европската агенција велат дека доколку споменатата ледена маса се претвори во коцка, нејзините рабови би биле околу пет и пол пати повисоки од Ајфеловата кула.

Глациолозите претходно предупредија дека состојбата на алпските глечери е вистински показател за последиците од климатските промени и дека, според песимистичките предвидувања, Алпите би можеле да останат речиси целосно без мраз до 2100 година, само со делови од лед, кои ќе бидат пет или помалку проценти од она што постои денес.

Количината на стопен мраз од ледниците не е единствениот рекорд што сервисот го забележа во 2022 година. Имено, Европа го доживеа најжешкото лето досега евидентирано.

Во просек, тоа беше 1,4 степени Целзиусови потопло од референтниот период од 1991 до 2000 година. Според Коперник, температурите во Европа се зголемуваат приближно двојно побрзо од глобалниот просек.

Летото беше обележано и со голема суша што зафати повеќе од една третина од Европа, што влијаеше на земјоделството, транспортот и снабдувањето со енергија низ целиот континент. Коперник ги припишува сушните услови на потпросечните снежни врнежи претходната зима и топлотните бранови во текот на летото.

Во јужниот дел на Европа забележани се поголем број денови обележани со „екстремен топлотен стрес“, што значи дека многу високите температури претставуваат ризик за здравјето на населението. Покрај тоа, сончевото зрачење над Европа беше поинтензивно отколку во кој било период во изминатите 40 години.

Ова резултираше со натпросечен потенцијал за производство на соларна енергија во многу делови на континентот, а овој тренд се очекува да продолжи. Коперник ги бележи податоците од 1979 година.

Од 1950 година, Службата за климатски промени користи разни други податоци што ѝ се достапни, на пример податоци од копнени станици, балони, авиони и сателити.

Со помош на компјутерски анализи се објавуваат месечни податоци за температурите, покриеноста со мраз на морската површина и други појави. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *