Британците предупредуваат дека Медитеранот станува пекол: Им се ближи крајот на одморите на Медитеранот, температурите ќе бидат како во Дубаи во август

Сите знаци укажуваат на фактот дека до крајот на овој век, популарноста на Медитеранот како дестинација за одмор драстично ќе опадне како последица на неподносливите горештини. Споменатиот дел од Европа во август ќе биде како Дубаи.

Негативните трендови се веќе видливи. Грција, на пример, го забележа најраниот топлотен бран во последните две недели. Во делови од Каталонија имало ограничувања за вода за време на Велигден поради рекордна суша, додека на Сицилија, каде што живата во термометарот достигна рекордни 48,8 степени во 2021 година, деновиве дел од угостителските објекти мораа да ги одвратат гостите поради недостиг на вода.

Некои тврдат дека Европа отсекогаш имала сезонски топлотни бранови, но тие никогаш не биле толку интензивни и чести. Според Службата за климатски промени Коперник, десетте најтопли години се забележани од 2000 година. Минатата година температурите низ Европа беа еден степен над просекот и два степени над прединдустриските нивоа.

Питер Стот, поранешен шеф на климатскиот мониторинг во Метеоролошката канцеларија, предвидува дека температурите во Европа наскоро ќе го надминат прагот од 50 степени Целзиусови.

– Ова ќе се случи прво во областите најблиску до Медитеранот бидејќи таму е најсилно влијанието на топол воздух од Северна Африка – предупреди тој.

Рози Мемет, докторант и метеоролог на Универзитетот во Ридинг, вели дека ова лето може да донесе повеќе рекордни температури. А со нивниот раст најзагрозена ќе биде јужна Европа.

Стапката на смртност поврзана со топлината на Стариот континент е зголемена за 30 проценти, а подолгите, потопли и суви лета предизвикуваат суши, кои пак влијаат на земјоделството и производството на храна, ја оштетуваат инфраструктурата и ги уништуваат живеалиштата. Средоземното Море се загрева побрзо од глобалниот просек и се предвидува дека до 2100 година ќе се зголеми за еден метар.

Имајќи го предвид сето горенаведено, туристичките дестинации во Медитеранот секако имаат причина за грижа. Бидејќи нивните економии во голема мера се потпираат на туризмот, кој во Хрватска сочинува повеќе од 19,6 отсто од БДП, во Грција 18 отсто, во Шпанија 12 отсто и во Италија 10,5 отсто.

Во иднина туризмот се повеќе ќе се врти кон постудениот север. Документот од 2023 година, нарачан од Европската Унија, симулирајќи различни нивоа на затоплување и влијание врз туризмот, предвидува јасна шема во промените во туристичката побарувачка, при што северните региони ќе имаат корист од климатските промени, а јужните региони се соочуваат со значително намалување на побарувачката.

Овој процес е веќе во тек. Извршниот директор на германската компанија Туи, Себастијан Ебел, изјави дека неговата компанија планира да инвестира повеќе во пакет-тури низ полското Балтичко Море и во Холандија и Белгија.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ