Дел од аеродромот во Даблин евакуиран, можни се одложувања на летови

Патниците беа евакуирани од Терминал 2 на аеродромот во Даблин во саботата, во она што аеродромските власти го опишаа како мерка на претпазливост. Иако деталите за причината за инцидентот не беа објавени, аеродромот изјави дека безбедноста на патниците и персоналот е негов апсолутен приоритет, пренесува Анадолија.

Во официјалното соопштение се вели: „Безбедноста на нашите патници и персонал е наш апсолутен приоритет“. На патниците им беше советувано директно да ја проверат состојбата на своите летови кај авиокомпаниите за најновите информации, бидејќи распоредот на летови може да биде „привремено засегнат“. Подоцна беше објавено дека сè е чисто и летовите ќе продолжат.

Аеродромот нагласи дека нема индикации дека инцидентот е поврзан со кибернападот што претходно во текот на денот предизвика проблеми во работењето на неколку големи европски аеродроми, вклучувајќи ги Хитроу, Брисел и Берлин.

„Колинс аероспејс“ претходно потврди дека открил „кибер нарушување“ насочено кон неговиот софтвер MUSE. Ова е платформа што се користи низ цела Европа за електронско пријавување на патници и ракување со багаж.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ