– Забележително голем е интересот за препознавање и сузбивање на врсничкото насилство кај учениците од основното училиште „Јосип Броз Тито“ кои денеска ги следеа предавањата од превентивно-едукативниот проект „Булинг и сајбер булинг“, што го реализира Отсекот за превенција при ОВР Струга, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
На учениците од осмо и деветто одделение од ова училиште, според него, прецизно им биле објаснети поимите булинг и сајбер булинг, како и појавните форми и облици на манифестирање на насилство помеѓу врсниците и он-лајн насилството, како крајно штетни и опасни појави при користење на социјалните мрежи и дигиталната технологија.
– Општиот впечаток кај полициските службеници е дека е нагласен интересот кај учениците на кои им се изведува наставата. Тоа покажува дека учениците се свесни за оваа девијантна појава во општеството и прашуваат за формите на препознавање и начините на сузбивање на врсничкото насилство, изјави Димоски за МИА.
Учениците, додаде, биле запознаени како треба да реагираат доколку се жртва на булинг и сајбер булинг и каде и со кого да ги споделат тие информации.
Едукативната кампања „Булинг и сајбер булинг“ ќе се реализира во сите основни и средни училишта во Струга.