Илјадници туристи останаа заглавени на северот на Финска откако летовите од аеродромот Китила беа откажани поради екстремно ниски температури, додека поради студот и обилните снежни врнежи наставата во училиштата во некои делови на Германија беше откажана или се одвива онлајн.
Температурата на аеродромот Китила падна на -37 степени Целзиусови по повеќедневните арктички временски услови, што значително го отежна одмрзнувањето на авионите и другите аеродромски операции, пренесе Скај њуз.
Китила се наоѓа во финската Лапонија, во слабо населениот северен дел на земјата.
Иако навикнати на остри зимски услови, жителите на Финска годинава особено чувствуваат студен бран, кој е посилен од претходните години и ја зафати широката област на северна, централна и источна Европа.
Финската јавна служба YLE известува дека во наредните денови сепак се очекува пораст на температурата.
Обилните снежни врнежи, силниот ветер и појавата на мраз го направија патувањето опасно низ целиот континент.
Во Германија, патниците со железница во неделата се соочија со големи задоцнувања и откажувања, откако поради обилниот снег националниот железнички оператор ја суспендираше целата железничка сообраќајна мрежа на северот на земјата.
Властите соопштија дека поради ледени температури сите училишта во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, најнаселениот регион во западна Германија, денеска ќе останат затворени и наставата ќе се одвива онлајн.
Екстремен студ во Европа: Туристи заглавени во Финска, училиштата затворени во Германија
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft