Одложено е гласањето на земјите од Европската унија за законот со кој се става крај на продажбата на нови автомобили со внатрешно согорување, односно продажбата на автомобили на бензин и дизел до 2035 година, бидејќи Германија и Италија се против ваквото решение.
Бидејќи не е одреден нов датум за гласање на иницијативата, портпаролот на шведската Влада, која претседава со ЕУ, рече дека амбасадорите на земјите-членки ќе се вратат на темата „во некое догледно време“.
По неколкумесечни преговори, Европскиот парламент и Европската комисија се усогласија за законот со кој ќе се бара сите нови автомобили продадени во ЕУ од 2035 година да имаат нула емисија на јаглерод диоксид, односно од тогаш да се оневозможи продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување.
Критиките за ваквото законско решение дојдоа најпрво од Германија, по што и Италија се побуни против законот, бидејќи од двете земји со силна автомобилска индустрија сметаат дека определениот рок е премногу амбициозен и предвремен.