Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција по земјотресите

Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција, која беше погодена од земјотреси, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на почетокот на меѓународната донаторска конференција.

Таа говореше за земјотресот, кој однесе речиси 50.000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погоди регионот во последните години.

„Милиони сега се бездомници и живеат во шатори во текот на зимата. Мора да се мобилизираме за обнова. Куќите, училиштата и болниците мора повторно да се изградат со највисоки стандарди за безбедност од земјотреси. Водата, канализацијата и другата клучна инфраструктура мора да се поправат. На јавните служби и претпријатијата им треба капитал за повторно да работат, за луѓето да можат да заработат за живот“, рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека Комисијата ќе обезбеди дополнителни 108 милиони евра за хуманитарна помош и за обновување на Сирија. Европската унија не одржува дипломатски врски со претседателот на таа земја, Башар ал Асад, од војната што започна во 2011 година.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) проценува дека „вкупниот финансиски товар од земјотресот“ за Турција е околу 103,6 милијарди долари, што е девет отсто од проектираниот БДП на земјата за 2023 година.

Министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, претходно изјави дека Хрватска на конференцијата ќе најави нова помош за двете земји, која ќе изнесува вкупно пет милиони евра за Турција и 400.000 евра за Сирија. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ