Високи функционери од Брисел денеска првпат во историјата на Евроблокот ќе разговараат со кандидат за членство во Европската унија на чија територија се води војна.
Одлуката на Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел да дојдат во Киев со 15 еврокомесари на самитот ЕУ-Украина во време кога продолжува офанзивата на руските воени сили на истокот на оваа земја е храбар чин, но пред се е силна симболична порака, и до украинскиот народ и до Москва.
На заеднички брифинг пред самитот, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот Володимир Зеленски вчера најавија нови санкции против Москва.
„До 24 февруари, точно една година по почетокот на инвазијата, имаме за цел да го воведеме десеттиот пакет санкции. Русија веќе плаќа и ќе ја плати цената за војната во Украина“, рече Фон дер Лејен, велејќи дека сегашните санкции ѝ штетат на руската економија, наведувајќи ја проценката дека ограничувањето на цената на руската нафта ја чинело Москва „околу 160 милиони евра по ден“.
Таа објасни и дека ЕУ бара и истражува механизми Русија да плати за обновата на Украина преку замрзнати руски средства во земјите-членки на ЕУ. Зеленски во оваа прилика рече дека инсистира на ново и побрзо спроведување на санкциите на ЕУ воведени кон Русија.
„Разговаравме за нови санкции против Русија, особено за десеттиот пакет санкции. Ова е заедничка европска задача – да се намали способноста на Русија да ги заобиколи санкциите – и колку побрзо и подобро се изврши оваа задача, толку поблиску ќе бидеме до поразот на Русија“, рече Зеленски, пренесува Укриформ.
Од денешниот самит Киев се уште може да очекува воена, финансиска и политичка помош од Брисел, но не и ветување за забрзан пристап во ЕУ. Меѓу членките на унијата има длабоки поделби во однос на тоа прашање, бидејќи Украина, која е во војна, има уште долг пат до приемот во ЕУ.
Двајца претставници на ЕУ за Дојче веле изјавија дека целта на самитот е да се препознаат овие напори и да се охрабри Украина да продолжи со реформите, за еден ден да ги исполни условите за членство во ЕУ.
Киев доби статус на кандидат за членство во ЕУ четири месеци по почетокот на руската воена интервенција, но Брисел бара од властите да преземат порешителни чекори во борбата против корупцијата.
Досега ЕУ одвои речиси 60 милијарди евра за помош на Украина, вклучувајќи речиси 12 милијарди евра воена поддршка и 18 милијарди евра ветени за функционирање на државата, пренесе Политика.рс.