Најмалку 43 лица загинаа, а 130 се повредени кога патнички воз на релација Атина-Солун се судри со товарен воз во близина на градот Лариса во централна Грција. Земјата прогласи тридневна жалост за најтешката железничка несреќа во последните децении.
Спасувачките екипи се’ уште се на терен и ги пребаруваат вагоните, бидејќи се стравува дека на местото на несреќата се’ уште има повредени и жртви.
Антонија, чиј 40-годишен сопруг и малиот син (5) биле во првиот вагон ја раскажа својата трагична судбина.
Во судирот со товарниот воз речиси целосно се уништени првиот и вториот вагон на возот, како што изјави регионалниот гувернер. Антонија ги опиша драматичните моменти низ кои минувала по смртта на сопругот и синот. Како што вели, последен пат разговарала со нив непосредно пред да се качат во возот, објави локалниот портал Dialogos.com.
„Јас сум на седативи. Мојот сопруг и мојот петгодишен син си заминаа. Беа во првиот вагон, мојот сопруг го резервира местото за на нашето дете да му биде поудобно. Некои функционери доаѓаат и изразуваат сочувство. Дали ќе ми ги врати тоа детето и мојот сопруг? Што ќе ми донесат овие луѓе? Апсолутно ништо. Отпуштете ги сите, сите се бескорисни“, рече Антонија.
Министерот за транспорт поднесе оставка по трагедијата, а шефот на железничката станица беше приведен. Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека сè укажува на човечка грешка. Возовите денес нема да сообраќаат во Грција поради штрајкот на железничарите.
Антонија морала да оди во Општата болница во Лариса за да ги идентификува телата на нејзиното дете и сопругот.
„Што видов? Не најдов ништо. Добив пепел. Што треба јас да препознаам во пепелта?, праша таа.
„Не можам да ги погребам сопругот и детето. Ги ставив во воз, а добив пепел“, изјави Антонија.
Таа раскажа дека воопшто не се чувствува добро.
„Луѓето се’ уште си ги бараат децата. Што ќе им кажат на овие мајки тие што се појавуваат на телевизија?“, праша таа.
Сè уште има исчезнати лица по тешка железничка несреќа. Вознемирена мајка им кажа на новинарите дека му се јавува на своето дете, а тој не и’ одговара. Како што рече, засега не добива информации од никого.
Грчките медиуми јавуваат дека поголемиот дел од луѓето во патничкиот воз кој се судри со товарниот биле студенти. Двајца кипарски студенти се меѓу исчезнатите по трагедијата во Лариса, 23-годишниот Кипријанос Папајоану од Авгору и Анастасиос Адамиду.
По несреќата околу 200 преживеани со пет автобуси биле пренесени во Солун, а повеќето од нив биле во шок и плачеле гушкајќи ги своите најблиски.
„Косата ми се запали, мамо, не знам како успеав да се извлечам“, и’ рекол млад човек на мајка си која го чекала.
„Мислев дека ќе умрам“, рекол младиот човек кој се возел зад предните вагони кои биле зафатени од пламен.
Уште еден млад човек имаше невидена среќа. Тој го преживеал сударот благодарение на тоа што купил билет за второто купе, но ги помешал бројките и седнал во петтиот вагон кој успеал да остане на шините по судирот. Да седеше каде што требаше, веројатно ќе беше мртов.
Во меѓувреме, грчките медиуми објавија разговор меѓу машиновозачот на патничкиот воз „Интерсити 62“ и шефот на станицата во Лариса, кој направил фатална грешка.