Грчките земјоделци денеска стартуваат со 48-часовна блокада на патиштата и граничните премини во целата земја. Според информации преминот „Евзони“ ќе биде затворен од 17 часот по македонско (18 часот по локално време), со целосен прекин на сообраќајот за влез и излез кон Македонија.
Преминот „Ники“ (Меџитлија) е затворен од 10 часот по македонско време за камиони, автомобили и автобуси, но земјоделците повремено го отвораат за сообраќај. Единствено на „Дојран“ нема блокади и движењето се одвива нормално.
Паралелно ќе бидат затворени и премините кон Бугарија, како и „Какавија“ кон Албанија, додека во внатрешноста на Грција ќе се блокираат клучните автопати, меѓу кои Солун–Атина, Егнатија и патиштата кон Пелопонез и западниот дел на земјата. Блокадите ќе го поделат патниот систем на два дела и практично ќе го оневозможат патувањето меѓу северот и југот на земјата.
Одлуката за дводневната блокада е донесена на масовниот состанок во Малгара кај Солун, каде земјоделците побараа радикализација на протестите од 6 јануари, веднаш по Водици.
Грчката влада вчера ги презентираше мерките за поддршка, посочувајќи дека од 27 барања на земјоделците, 16 се исполнети или третирани позитивно, четири се во разгледување, а седум се надвор од буџетските и европските рамки. Мерките опфаќаат пониска цена на струјата (8,5 центи за киловат-час до 2028 година), поврат на акцизата на нафтата, целосно обесштетување при елементарни непогоди и воведување баркод за потеклото на производите.
Земјоделците сметаат дека предложените мерки се недоволни и решија да продолжат со протестите. Протестите траат веќе 40 дена, од 30 ноември.
Во меѓувреме, обвинителот на Врховниот суд на Грција, Константинос Ѕавелас, повторно им нареди на обвинителите да преземат мерки кога со блокадите се нарушува безбедноста на сообраќајот и се вршат кривични дела што се гонат по службена должност. Грчките медиуми пишуваат дека доколку блокадите продолжат, Владата е подготвена да го активира „планот Б“ со административни казни.
Грчките земјоделци со 48-часовна блокада: Евзони се затвора во 17 часот!
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft